Одлуката на Вселенската Патријаршија за канонизација на МПЦ - ОА наиде на негативни реакции во Србија и Бугарија
СКОПЈЕ – Благодарност до Вселсенската партијаршија и Вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј и најава за продолжување на разговорите со Српската православна црква (СПЦ) се двата заклучоци кои денеска беа донесени на вонредната седница на Светиот архиерејски синод (САС) на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА).
Откако вчера Вселенската патријаршија донесе Синодален акт за признавање на каноничноста на нашата црква МПЦ – ОА отсега сослужувањето со останатите православни цркви свешентството ќе ги држи како Македонска православна црква.
„Нека не викаат како што сакаат, ние се викаме Македонска православна црква и го користиме древното име Охридска Архиепископија. Затоа велиме тие не признаа под еклисиолошко односно црковно име. Ние ќе се викаме Македонска православна црква со тире Охридска архиепископија. Охридска Архиепископија не е понижувачко име, напротив, тоа е историја од десет века, додека Македонсклата православна црква е од 1945 година. Не треба да се прима на срце како отстапка“ изјави владиката Тимотеј, портпарол на МПЦ - ОА
По денешната вонредна седница на Синодот соопшти дека разговорите со Српската православна црква никогаш не запреле и дека сега се продолжуваат се додека не се дојде до конечно решение, а тоа е едно , афтокефален статус на МПЦ – ОА. Меѓутоа кои чекори ќе ги превземе македонската црква засега не се открива и тоа ќе се држи во тесен круг внатре во МПЦ – ОА.
„Ние никогаш не ги прекративме разговорите меѓу МПЦ и СПЦ и секогаш не се објавуваат. Сигурно дека има напредок. Затоа велиме дека продолжуваат и затоа потенцираме дека разговорите продолжуваат се додека не најдеме конечно решение а тоа е афтокефален статус на Македонската православна црква односно Охридска Архиепископија. За следниот чекор кој ќе го превземеме засега останува во тесен круг на дипломатски преговори меѓу двете цркви “, објасни владиката Тимотеј.
А доказ дека средбите меѓу МПЦ – ОА и СПЦ траат е средбата која се одржала викендов во Ниш. Српскиот Епископ Фотиј, кој присуствувал на средбата, изрази надеж дека МПЦ – ОА ќе се врати во канонско единство со српската праволсвна црква до крајот на овој месец
„Тоа беше еден интересен дијалог на љубов, вера и надеж и се надеваме, ако даде Господ дека може да се случи, но прво треба сите да му се молиме на Бога, МПЦ-ОА повторно на Соборот на Светиот Архиерејски синод во мај, сега во Белград, повторно да се врати во канонско единство со СПЦ, а со тоа и во канонско единство со сите помесни православни цркви. “, изјави вчера српскиот епископ Фотиј
Владиката Тимотеј соопшти во разговорите ќе бидат многу внимателни.
„ Ние ќе внимаваме помеѓу двете цркви да не предизвикаме штета на себе и да не предизвикаме штета ниту на Цариград ниту на Белград. Тоа е логичен потег. Ние сме возрасни луѓе да не правиме детски грешки“, рече владиката Тимотеј.
На денешната средба на Синодот дојде и премиерот Димитар Ковачевски кој се задржа кусо и замина без да даде изјава за медиумите.
Познавачите на проблематиката и спорот меѓу српската и македонската православна црква сметаат дека со последната одлука Вселенската патријаршија го префрла спорот во дворот на СПЦ.
„Вселенската патријаршија одигра тактички потег. За вчерашната одлука на Вселенската патријаршија може да се каже дека постапи како судска инстанца. Реакциите од Белград сигурно ќе бидат дека е направен упад во канонското подрачје и јурисдикција на српската црква.Аргумент со кој Вселенската патријаршија ќе ја брани својата позиција е што се исполнети условите таа да се појави како една судска инстанција која може да носи одлуки “ рече Бранко Ѓоргевски, новинар и експерт за оваа проблематика.
Дали одлуката на Вселенската патријаршија ќе има рефлексија на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија останува да се види. Се очекува и потегот на официјална Софија по бурната реакција на Бугарската православна црква и дали одлуката на Цариградската патријаршија може да влијае на ветото.
„Во Бугарија има анализи дека ова е забивање на нож во грбот на Бугарската православна црква, која според нивното толкување е наследник на Охридската Архиепископија. Најверојатно ќе има и официјален став на Светиот Синод на БПЦ. Имајќи ги предви односите меѓу Македонија и Бугарија по прашањето на нашиот идентитет можно е во иднина ова прашање да биде вметнато во бугарските барања кои се бесконечни“, изјави проф др. Далибор Јовановски, историчар за телевизија „Телма“.
По одлуката за канонизација на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија со реакции од соседството. Во Србија, експертите за медиумите тврдат, дека СПЦ е ограбена. Руската православна црква, вчера, соопшти дека ги признава исклучиво правата на Српската православна црква во Македонија. Бугарските медиуми пак го цитираат барањето на МПЦ – ОА, кое датира од пред неколку години за Бугарската православна црква да биде прогласена за црква-мајка, секако пред да се побара помош од Вселенската патријаршија.
По 55 години вчера беше призната каноничноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и со тоа афтокефалноста на црквата е чекор поблиску а клучна пречка останува управниот спор со СПЦ.