Линкови за пристапност

Отворен ден од вежбата „Брз одговор 22“: Маса народ дојде да ги види хеликоптерите „Apache“, „Black Hawk“ „Chinook“


Хеликоптерот „CH-47 Chinook“ го привлече вниманието на присутните со неговата големина
Хеликоптерот „CH-47 Chinook“ го привлече вниманието на присутните со неговата големина

Повеќе илјади граѓани дојдоа да ги видат одблизу воените хеликоптери и прелетот на авионите од НАТО, кои се дел од најмасовната воена вежба што се одржува кај нас

Повеќе илјади граѓани дојдоа на отворениот ден од вежбата „Брз одговор 22“ што денеска се одржа на спортскиот аеродром Стенковец. Беа изложени повеќе воздухоплови, меѓу кои и познатите армиски модели AH-64 Apache, UH-60 Black Hawk, CH-47 Chinook, HH-60, Mi-17.

Дополнително внимание предизвикаа и прелетите на ловците F-16 и авионите A-10 Thunderbolt II, кои изведоа мини авио-шоу пред насобраниот народ.

На отворениот ден присуствуваа и премиерот Димитар Ковачевски, министерката за одбрана Славјанка Петровска, армискиот врв од македонската армија, како и амбасадорките на САД, Кејт Мери Брнз и на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј.

Ова е една од придобивките на сојузништвото во НАТО. Армијата ни јакне, така ја обезбедуваме сигурноста дома.
Димитар Ковачевски, Премиер на С.Македонија

„Ја поздравувам посветеноста на нашата војска. После полноправното членство и најбрзата воена интеграција на земја-членка досега, Армијата продолжува со забрзан чекор во своето усовршување. Ова е една од придобивките на сојузништвото во НАТО. Армијата ни јакне, така ја обезбедуваме сигурноста дома. На истиот начин на кој сите сојузници на НАТО се обединети во политиката, обединети се и во воената одбрана“, рече премиерот Ковачевски.

Дел од изложените хеликоптери се користат во вежбата „Брз одговор 22“ што деновиве се одржува на армискиот полигон Криволак.

„Оваа вежба покажува едно единство помеѓу сите НАТО сојузници. Испорача една силна порака, а тоа е дека кога сте во НАТО, не сте сами. Истовремено оваа вежба покажува, како што и денеска видовте, одлична соработка меѓу воздухопловните власти во нашата држава и во Грција“, рече министерката за одбрана, Петровска.

Амбасадорката Брнз, истакна дека вежбата е показател за цврстината што произлегува од сојузништвото во рамките на НАТО Алијансата.

„Најважно е што сме сите заедно, на 77 години откако Европа ги победи диктатурата и фашизмот. Вежбата ‘Брз одговор 22’ е дел од таа заложба за заедништво. Се надевам дека луѓето од Северна Македонија ќе бидат горди како што сум и јас денеска овде“, рече амбасадорката Брнз.

Слични зборови упати и амбасадорката на Велика Британија, Галовеј

„Тоа што го видовме денеска со изложбата на различни воздухоплови и летала е приказ на способностите на НАТО и начинот на кој досега функционираме и ќе продолжиме да функционираме заедно и во иднина“, рече Галовеј.

На вежбата „Брз одговор 22“ учествуваат повеќе од 4.600 припадници на армиите од осум земји членки на НАТО. Фокусот на вежбовните активности се падобранско десантни акции, што се први од таков вид кај нас.

Во продолжение погледнете ја галеријата од отворениот ден на вежбата „Брз одговор 22“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG