Линкови за пристапност

САД ќе бидат ко-домаќини на вториот Глобален самит на 12-ти мај за ковид-19


Со оглед на тоа што коронавирусот уби околу 15 милиони луѓе ширум светот, вклучително и скоро еден милион во САД, администрацијата на Бајден, и покрај недостатокот на средства за домашна и меѓународна реакција на пандемијата, треба да мобилизира глобален напор за ставање крај на акутната фаза на ковид -19.

Соединетите држави ќе бидат ко-домаќини на вториот Глобален самит на 12-ти мај, по првиот во септември 2021-вата година. Виртуелниот самит ќе означи промена од стратегија за управување со кризи кон поодржлив пристап за градење отпорни јавно здравствени системи.

„Вирусот - особено по омикрон - ни покажа дека мораме да ја развиваме нашата стратегија“, изјави висок претставник на администрацијата за Гласот на Америка. Целта, рече официјалниот претставник, е да се намали преносот, смртните случаи и хоспитализирањата наместо да се искорени вирусот.

Самитот ќе се фокусира на „поддршка на локални лидерски решенија“ кон глобалните цели, кои вклучуваат вакцини, подобрување на пристапот до тестови и третмани и генерирање одржливо финансирање за идна подготвеност за пандемијата.

Во март, Medicines Patent Pool, организација поддржана од Обединетите нации, потпиша договори со 35 производители во 12 земји за производство на нирматрелвир и ритонавир, но тие веројатно нема да бидат на пазарот до 2023-та година.

Глобалниот самит ќе има за цел да обезбеди ветувања за да помогне да се затвори јазот од околу 15 милијарди американски долари во финансирањето што СЗО вели дека му е потребно на светот. Иако тие ветувања ќе бидат дадени, застапниците се песимисти.

XS
SM
MD
LG