Опозицијата постави рок кој почна да истекува од синоќа – за пет дена ќе почне со активна блокада на собранието и неговите законодавни функции ако дотогаш власта не прифати одржување лидерска средба на која ќе се зборува за предвремени избори... Раководството на ВМРО-ДПМНЕ ја поддржа иницијативата на лидерот на партијата за ваков чекор како обид за притисок за одржување избори годинава.
„Она кое што вчера го донесовме како заклучок на седницата на ИК, практично е реакција на акцијата на власта и за сите понатамошни последици власта ќе биде таа која ќе биде одговорна бидејќи јас лично и ВМРО-ДПМНЕ многу пати во изминативе сто дена повикувавме на заедништво, повикувавме на дијалог да седнеме да зборуваме за проблемите, за одржување на предвремени парламентарни избори, па ако се навистина толку јаки, ако велат дека народот ги сака тие ќе нѐ декласираат на тие предвремени избори и ќе имаат чист мандат од четири години да ги спроведат политиките кои велат дека народот ги поддржува, така барем велат во нивните партиски соопштенија. Единствен начин да проверат дали тоа што го пишуваат во соопштенијата е да излезат на избори, да се охрабрат и да видат дали Мицкоски се плашел или СДСМ се плаши. Еве јас не се плашам, велам ајде да седнеме да разговараме очи во очи, ајде да одиме на избори, немам од таа страна потврден одговор, така што, единствен кој ќе биде одговорен од сега па натаму за сето она што ќе се случува во Македонија е раководството на СДСМ и самиот СДСМ“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Не прифаќам уцени“, е одговорот на премиерот и лидер на СДСМ. За Димитар Ковачевки овој чекор на ВМРО-ДПМНЕ е нарачка од Никола Груевски. Однесувањето на опозицијата го нарекува неодговорно – во ситуација на криза и војна на европскиот континент да се блокира работата на парламентот.
„Ги повикувам сите пратеници во Собранието да бидат на ниво на својата задача, бидејќи блокирањето на Собранието не значи ништо друго, освен блокирање на она што треба да се направи за граѓаните на државата. Втора работа која што исто така е многу важна, јас ги гледам денешните написи воопшто не доликува на демократска партија да одбројува денови, денес било петти ден, па четврти ден и да се служи со уцени и да се служи со закани затоа што јас потврдив во изминатите скоро четири месеци дека ниту на уцени, ниту на закани не подлегнувам, туку сум човек којшто води отворен дијалог со сите заинтересирани страни во општеството“, рече премиерот Димитар Ковачевски.
„Мнозинството е стабилно, 64 пратеници ја поддржуваат оваа коалициска влада“ – е аргументацијата на Ковачевски зошто нема потреба од нови избори. Според него сега е време за справување со кризата - вели дека „поминале времињата кога на секои две години се одржуваа избори заради тесен политички интерес“. Од 2006 година наваму сите парламентарни избори што се одржаа во земјава беа предвремени.