Големо пролетно чистење ќе се случува на вториот Генералка викенд што од 6 до 9 мај ќе се одржи низ земјава. Бројни волонтери се очекува да ги расчистат парковите, игралиштата, дворовите од училиштата и градинките и многуте излетнички места.
„Генералка викенд ќе се случува секоја пролет вториот викенд од мај. Лани 10 општини, а годинава се 25 општини“, вели Гордана Софија.
Иницијативата доаѓа од организацијата „Man and mountain“,.. што ја водат Гордана Софија и Ханес Јекл. Се работи за десетгодишен проект, чија главна цел е создавање услови за напредок и здрав живот за новите генерации.
Ако сакаме младите да живеат тука да останат тука, да творат, да ги реализираат нивните идеи, треба, како повозрасна генерација, да им овозможиме и таква срединаГордана Софија, „Man and mountain“
„Ако сакаме младите да живеат тука да останат тука, да творат, да ги реализираат нивните идеи, треба, како повозрасна генерација, да им овозможиме и таква средина. Тоа значи, прво да ја исчистиме земјата од отпад што се насобрал во изминатите 25 години, а потоа да продолжиме со засадување нови дрва“, додава Софија.
Ханес е од Австрија. Вели дека во минатото и таму односот кон животната средина не бил сјаен.
„Австрија не беше отсекогаш чиста. Во моето детство, на пример, во близина на градот каде што живеев, се наоѓаше една од најзагадените реки во Европа. Откако ќе влезев во водата, на нозете ми се појавуваа црвени пликови. Областа каде што јас пораснав, беше тешко загадена. Но, луѓето во деведесеттите и особено после 2000-та година, сфатија дека тоа е пат без излез и дека загадувањето значи смрт“, вели Ханес.
Додава дека на австриското општество му биле потребни петнаесетина години за да развие здрави еколошки политики. Но, голема улога во тоа одиграле и самите Австријци со решителноста да ја заштитат животната средина.
„Не е не возможно за земји како Македонија, или за другите земји од Балканот што страдаат од истиот проблем. Како Албанија, Косово, или Босна и Херцеговина. Тоа доаѓа од самите луѓе. Ако луѓето не преземат одговорност кон околината, тогаш ниту еден закон на светот, не може да ги натера. Ако не ја сакате земјата, тогаш ниту земјата не може да ве сака вас“, објаснува Ханес.
Можеме да ги продаваме пластиката, хартијата, стаклото. Можеме да ги рециклираме, и потоа со тие средства да се изгради нова инфраструктураХанес Јекл, „Man and mountain“
Австриското искуство покажало дека селектираниот отпад може да биде и доходовна гранка.
„Можеме да ги продаваме пластиката, хартијата, стаклото. Можеме да ги рециклираме, и потоа со тие средства да се изгради нова инфраструктура за околината и за животот што вреди да се живее“, предлага Ханес.
Организаторите се надеваат на масовност и вклучување на луѓе од разни возрасти, професии, етникуми.
„Значи луѓе здружени, без разлика на политичката, религиска, етничка, родова определеност. Сите заедно да учествуваме, да си ја исчистиме средината и да го отстраниме отпадот од минатото за да можеме да изградиме зелена иднина“, додава Софија.
На ланскиот Генералка викенд учествувале 1000 волонтери и биле собрани 175.000 килограми отпад. За годинава се очекува бројот на учесници да биде двојно поголем.