Линкови за пристапност

Мицкоски најави блокада на Собранието за да добие предвремени избори


ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски го користат македонското Собрание за блокади, вели СДСМ
ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски го користат македонското Собрание за блокади, вели СДСМ

Се усложнува политичката ситуација во земјава. ВМРО-ДПМНЕ најавува блокада на работата на Собранието. Тоа, според опозициската партија, значи дека ќе се обиде да стопира секаква законодавна активност во Парламентот, освен закони кои се однесуваат на помош на граѓаните.

Овој чекор ВМРО-ДПМНЕ го презема за да се принуди владејачкото мнозинство да се оди на предвремени избори. Радикалната политичка мерка доаѓа во исклучително чувствителен период за државата – енергетска криза, економска неизвесност, пораст на цени, геополитичка нестабилност поради војната во Украина, бугарско вето...

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, чија иницијатива за блокада се очекува и формално да ја одобри Извршниот комитет на партијата, се правда дека на ваквиот потег го натерало однесувањето на владата предводена од СДСМ.

„Во оваа криза тие наместо да се обратат на најголемата политичка партија со најголемата пратеничка група, со најголемиот број градоначалници тие одлучија да молчат. Два месеца буквално ги молевме и секој наш чекор е реакција на нивната акција. Јас на самата прес-конференција кога го најавив ова кажав дека за се` понатаму единствената одговорност ќе биде врз Ковачевски и врз СДСM. Сакам да ја потенцирам нашата сериозност, ова нема, ќе повторам, да трае 1-2-3-5 дена, ова ќе трае со недели, а можеби и со месеци се` додека оваа Влада конечно не се вразуми, не седне со опозицијата и не организираме предвремени парламентарни избори“, вели Мицкоски.

Ова е само продолжување на политиките штетни за државата и граѓаните – реагираат социјалдемократите.

„Наместо како институција за креирање подобри закони во секојдневната борба за заштита на стандардот на граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски го користат македонското Собрание за блокади. Во светската политика се случува обедунување на партиите за помош на граѓаните и стопанството во време на вакви големи кризи, само кај нас ВМРО-ДПМНЕ сее поделби и спроведува блокади. Законот за Клинички центар, Законот за наставници и стручни сорабтници во основните и средните училишта, Законот за службата во Армијата се само дел од десетиците закони во интерес на граѓаните кои ВМРО-ДПМНЕ ги блокира во Собранието.“, вели Богданка Кузеска од СДСМ.

На иста линија е и ДУИ, коалицискиот партнер на СДСМ. Од партијата на Али Ахмети велат дека граѓаните бараат конструктивност, а не деструктивност.

„Тоа не е рационално. Ги повикувам политичките партии да бидат конструктивни, а не со рушење на се` што е изградено. Државата ќе продолжи да функционира без оглед на жебите на некоја партија“, вели Арбер Адеми од ДУИ.

Ова е најново во низата несогласувања меѓу мнозинството и опозицијата кои во изминатиот период се спротивставија за неколку законски проекти - минималната плата, повратот на ДДВ за физички лица, начинот на кој државата финансиски помагаше во екот на пандемијата.

Двете страни се на различни позиции и за тоа како се води процесот на разговори со Бугарија.

ВМРО-ДПМНЕ на различни позиции за тоа како се водат разговорите со Бугарија
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:30 0:00

XS
SM
MD
LG