Линкови за пристапност

Ако документот за забрана на абортусот е точен, ќе значи најголемо ограничување на правата во САД во 50 години


Политико објави нацрт - мислење на Врховниот суд што покажува дека мнозинството во Судот е за укинување на одлуката Роу против Вејд со која се легализираше абортусот на национално ниво
Политико објави нацрт - мислење на Врховниот суд што покажува дека мнозинството во Судот е за укинување на одлуката Роу против Вејд со која се легализираше абортусот на национално ниво

Во ретко протекување од највисокиот суд во САД, Политико објави дека добил нацрт - мислење на Врховниот суд што покажува дека мнозинството во Судот е за укинување на значајната одлука „Роу против Вејд“ од 1973 година, со која се легализираше абортусот на национално ниво.

Документот, означен како „прв нацрт“ од страна на судијата Семјуел Алито и циркулиран меѓу другите судии во февруари, претставува прекршување на високо тајниот процес на расправа меѓу судиите во кои нивните одлуки не се познати додека не бидат официјално издадени пресудите.

Тие позиции може да се променат во текот на расправата, дури и по изготвувањето на мислењето на мнозинството, а конечната одлука се очекува пред Судот да го заврши актуелниот мандат кон крајот на јуни или почетокот на јули.

Портпаролот на Врховниот суд одби да коментира.

Анкетите на јавното мислење покажуваат дека мнозинството од американската јавност се залага за абортусот да биде легален или во повеќето или во сите случаи.

„Ако Врховниот суд навистина издаде мнозинско мислење во согласност со протечениот документ на судијата Алито, промената во правата за абортус ќе биде исто толку значајна како и секое мислење што Судот некогаш го издал“, изјави Ентони Ромеро, извршен директор на Американската унија за граѓански слободи.

Ромеро рече дека „тоа ќе ја лиши половина нација од основното, уставно право што го уживаат милиони жени повеќе од 50 години“.

Алито е еден од шесте конзервативни судии на Судот со девет судии, а соборувањето на Роу е долгогодишна цел на социјалните конзервативци во САД.

„Роу беше многу погрешен од самиот почеток. Неговото резонирање беше исклучително слабо, а одлуката имаше штетни последици“, се вели во нацрт-мислењето.

Спикерката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси и лидерот на мнозинството во Сенатот Чак Шумер, и двајцата демократи, рекоа дека ако пријавеното мнозинство е точно, пресудата ќе биде „една од најлошите и најштетните одлуки во модерната историја“.

„Ако извештајот е точен, Врховниот суд е подготвен да го нанесе најголемото ограничување на правата во изминатите 50 години – не само на жените, туку и на сите Американци“, рекоа Пелоси и Шумер.

Политико соопшти дека добил копија од нацрт-одлуката од 98 страници „од лице запознаено со судските постапки во случајот Мисисипи, заедно со други детали кои ја поддржуваат автентичноста на документот“.

Некои информации за овој текст се преземени од Асошиетед прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG