Осум отсто е уделот на нафтени деривати во земјава увезени од Русија. Без разлика каква одлука да донесе Русија околу снабдувањето со природен гас во земјава, влијанието ќе биде минимално, смета министерот за економија Крешник Бектеши. Сепак надлежните состојбата ја оценуваат како комплексна
СКОПЈЕ – И да запре испораката на руски гас за Северна Македонија ефектите ќе бидат минимални поради малото учество во домашниот пазар но ситуацијата е комплексна. Ова е оценката на минисетрот за економија Кртешник Бектеши, откако денеска Русија ја запре испораката на гас за Полска и Бугарија кои одбиваат да го плаќаат енергенсот во рубљи.
„ Снабдувањето со гас не е прекинато.Имаме континуирана испорака на гас од Гаспром преку гасоводот со Бугарија и покрај тоа што Русија прекина испорака на гас на Бугарија.Сите обврски од наша страна се подмирени, но ситуацијата е комплексна и не се знае каква одлука може да биде донесена во наредните денови“, изјави Бектеши.
Снабдувањето со гас на државата е стабилно и денеска и така ќе остане се додека официјална Москва не одлучи спротивно а Бугарија не смее да го прекине транспортот. Но и во тој случај Северна Македонија може да набави гас преку интерконекторот што го има Република Бугарија со Република Грција, кој е поврзан на гасоводот ТАБ и обезбедува гас од Азербејџан.
„Бугарија не смее тоа да го направи согласно договорот и потребата на цевководот. Имаме количества кои се одредени за потребите на земјава и преносната мрежа мора да функционира. Тоа значи дека ако Руската Федерација не донесе одлука за прекин на испорака на природен гас во Северна Македонија, испораката треба да се одвива во континуитет и редовно. Прекуграничните количества во интерконекторот со Бугарија се резервирани до 2030 година од страна на „Газпром“. Дополнително во случај да се раскине договорот меѓу „Бугартрансгаз“ и „Газпром“ во делот на прекуграничните количества кои се резервирани во нашиот интерконектор и во другите интерконектори во Република Бугарија тогаш слободно можеме да увеземе природен гас“, објасни Бектеши.
И во случај државата да остане без руските енергенси ефектот ќе биде минимален бидејќи уделот во домашниот пазар е незначителен.
„ Генерално, уделот на увозот на нафтени деривати со потекло од Русија е приближно осум отсто во нашата држава, а со тоа и уделот во снабдување со нафтени деривати на пазарот на нафтени деривати кој е целосно либерализиран во Северна Македонија“, потенцираше Бектеши.
По „резот“ на Русија, министерите за економија од регионот договорија средба која ќе се одржи наредната недела во Софија а на која ќе се презентираат потребите на секоја држава за континуирано да продолжи снабдувањето.
Од Регулаторната Комисија с состојбата ја оценија како комплексна и зависи од натамошните одлуки кои ќе ги донесе Русија. Регулаторите појаснуваат дека цевководот кој минува низ Бугарија може да служи како транзитен вод за Северна Македонија со што има техничка можност за непречен проток на природен гас кон земјава.
„Според достапните информации со кои располагаме, „Макпетрол“, кој е долгогодишен трговец со природен гас, ги има подмирено обврските кон „Газпром“ навреме, што подразбира стабилна испорака на природен гас. Сепак, состојбата е комплексна и континуирано се следи и зависи од одлуките што Русија ќе ги донесе – дали ќе ја прошири листата на земји кон кои ќе ја стопира или ограничи испораката на природен гас“, стои во официјалното соопштение на Регулаторна.
Оттаму потсетуваат дека сите субјекти кои користат природен гас имаат обврска да држат резерва на алтернативно гориво како што е мазут, ТНГ, компримиран природен гас или екстра лесно гориво.
Рускиот гигант „Газпром“ денеска ја спроведе денеска заканата на претседателот Путин дека ќе ја прекине испораката до сите „непријателски земји“ кои не го плаќаат рускиот гас во рубљи и ја прекина доставата до Полска и Бугарија.
Инструкциите на Кремљ се државите кои набауваат гас од Русија да отворат сметки во „Газпромбанк“ каде ќе плаќаат во евра а потоа банката тој износ ќе го претвори во руската валута.