Линкови за пристапност

Шекеринска за Олбрајт: Прашуваше, знаеше, размислуваше и говореше без ракавици и флоскули


Медлин Олбрајт, првата жена државен секретар на САД која неодамна почина на 84 години, на нашите простори ќе остане запаметена како една од клучните политички фигури кои оставија траен белег во оформувањето на евроатлантскиот курс на регионот, како и по неуморната посветеност за запирање на насилството и воспоставување основи за траен мир, вели за Глас на Америка поранешниот заменик министер за надворешни работи на Северна Македонија, Андреј Жерновски.

„Таа беше голема инспирација за цела една генерација политичари, оставајќи зад себе огромно наследство што ќе служи како инспирација за генерациите кои доаѓаат. На нејзината позиција како државен секретар, Олбрајт не само што ги зајакна САД и сојузниците, туку и неуморно се бореше за демократијата и човековите права. Ги промовираше американската трговија и бизнис, но и трудот и стандардите за животната средина во странство“ , вели Жерновски.

Медлин Олбрајт во јавноста беше позната по своите јасни и силни политички убедувања, по својата одлучност, целата да се вложи во реализација на своите политики и замисли, по непоколебливоста да се избори за местото на жените во политиката, вели Емис Кирја, дипломат и поранешен генерален секретар во МНР.

„Ретко која жена во меѓународната политика во изминатите неколку децении зрачеше со таква моќ. И покрај таа (над)моќ, со нејзиниот стил на разговор оддаваше чувство на блискост. Се поставуваше рамноправно со соговорниците без разлика кои беа“, вели Кирјас.

Кирјас се потсетува на средбите со Олбрајт.

„Кога говоревме ги помнам тие мешани чувства и на привилегија со кого говорам и на отворен опуштен разговор. Од она што јавноста не го знае многу за неа е дека немаше состанок, а таа да не се пошегува, да нафрли некоја забавна анегдота, да се насмее и на сопствените згоди и незгоди од животот. Немаше тема од меѓународната политика, па и од националните политики кои не ги владееше беспрекорно. Ги познаваше балканските прилики до детал, јасна и беше историјата на регионот, но и аспирациите на народите. Ја знаеше приказната за Македонците, но и за другите народи на Македонија, за нивната аспирација за слобода и меѓународно етаблирање. Знаеше точно кој што како прави во Македонија и какви беа односите меѓу политичарите“, вели Кирјас.

Кирјас за Олбрајт вели дека била силен поддржувач на приемот на балканските земји во НАТО.

„Бидејќи беше уверена дека народите од регионот цивилизациски му припаѓаат на светот во кој владеат демократијата, владеењето на правото и човековите права. Сакаше брзо решавање на македонско-грчкиот спор, велејќи дека времето не работи за македонската страна. Не беше само благонаклонета кон Албанците, како што некои ја интерпретираат нејзината заслуга за независноста на косовската држава. За неа беше јасно дека Србија како нација ѝ припаѓа на заедницата на рамноправни балкански и европски народи, кои живеат во мир со соседите. Нејзини непријатели ширум светот беа деспотите, а во регионот главен непријател ѝ беше архитектот на балканските страдања и воениот злосторник од Дедиње - Слободан Милошевиќ“, открива Кирјас.

Самиот факт што Олбрајт е првата жена државен секретар на САД, зборува за нејзиниот политички кредибилитет .

„Ако знаеме дека во нејзините млади години во својата родна Чешка, сведочела за човечките маки кои го одбележаа 20-от век, тогаш подобро ќе ја разбереме величината на нејзината човечност која го одбележа периодот на конечниот крај на втората светска војна и зачетокот на создавањето на слободни демократски држави во пореншна источна Европа“, вели политичкиот аналитичар, Ибрахим Мехмети.

Според него, нејзината улога во спречувањето на хегемониите од минатиот век и во давање на подршка на новите демократии, особено на Балканот е несомнена.

„Според мене се работи за чиста среќа што Олбрајт беше државен секретар во време кога на Балканот се најавуваше нова голема војна, која можеше да се претвори во вистински геноцид на Косово, доколку не беше храброста и решителноста на Олбрајт. Доколку не се спречеше ескалација на војната на Косово, судбината на Македонија ќе беше многу неизвесна. Нејзината улога беше многу важна за Македонија, да се спаси од прелевање на воениот конфликт од поранешна Југославија, а во исто време да се одбрани од претензиите на неколку нејзини соседи“, додава Мехмети.

„Не ми оди да напишам Rest in peace, Madeleine Albright - никогаш не личеше на жена која посакува одмор, а светот денес долго време не бил подалеку од мир“, напиша поранешната министерка за одбрана, Радмила Шеќеринска.

Таа се потсеќа на впечатокт кој го добила после нивната средба пред неколку месеци.

„Имаше знаење и искуство на ветеран, но енергија, политички слух и интерес на некој кој што туку запливал во водите на надворешната политика. Зборуваше за своите искуства, без да биде заглавена во минатото. Знаеше речиси се за темите кои ги отворивме, но искрено сакаше да чуе поинаков поглед или дополнителни информации. Прашуваше, знаеше, размислуваше и говореше без ракавици и флоскули.“, вели Шеќеринска.

Сум сретнала политичарки кои говорат за жените во политиката, но не им помагаат. Но Олбајт не беше таква, бидејки го отвори патот за уште две државни секретарки по неа, додава поранешната министерка.

„Изгледаше дека и двете американски партии после неа мораа да “испорачаат”. Продолжи да зборува и да им помага на многу кандидатки - со своето искуство, со препорака, со совет или посвета. Испрати порака на многу девојки и жени низ цел свет дека мора да бидат на масата на која се носат одлуки, да бидат чуени и ценети. Да ги надминат стереотипите, да ги совладаат препреките, а потоа да бидат солидарни со тие кои доаѓаат по нив. Наместо RIP - посакувам тие пораки да не ги заборавиме“, напиша Шеќеринска.

Олбрајт ја презеде функцијата на 23 јануари, 1997 година, со што стана и највисоко рангирана жена во историјата на американската влада.

XS
SM
MD
LG