Линкови за пристапност

Повеќе од триста групи од Украина и Русија го откажале доаѓањето во Охрид и Струга, поради војната во Украина


Туристичкиот водич Александар Андоноски од Охрид повеќе од дванаесет години им раскажува за убавините на неговиот град, на туристите кои доаѓаа од Русија и Украина. Но, сега поради руско-украинскиот конфликт, сите планови остануваат само на хартија.

„Многу време и финансии се потрошија на пробивање на тој пазар. Исто така и охридските угостители, сопствениците на пловила се задоволни и тие ги очекуваа и оваа година“, вели тој.

Повеќе од 300 групи од Украина и Русија досега се откажани и нема да го посетат Охрид од мај до октомври. За оваа сезона интересот бил многу поголем од минатите години. Имало резервации со гости и од Азербејџан, Казахстан, Молдавија и Латвија.

„Доколку минатата година од Русија во Охрид летуваа преку 3000 туристи, индивидуално или групно, а од Украина беа транзитно и со ноќевање во Охрид повеќе од 200 групи, годинава таа бројка е сведена скоро на минимум, односно на нула“, додава тој.

Откажани се и сите авио линии од овие дестинации, иако имало најава за отварање и на нови.

„Беа најавувани чартер летови од некои украински градови до Охрид и од некои руски дестинации како Казан и Санкт Петерсбург до Скопје и до Охрид. Од Киев во Украина беа најавени чартер летови до Охрид, кои нема да се реализираат“, вели Андоноски.

Но, не треба да се губи време. Во една ваква ситуација, Охрид треба да се насочи пред се кон гостите од регионот, бидејки туристичката сезона е на прагот, велат од туристичкиот сектор.

„Да направиме подобри цени за српските туристи, туристите од Босна, Црна Гора, Бугарија. Ние мора да го потполниме тој вакум што ќе се направи со откажување на тур оператори од Украина и Русија, а има и од други земји“, вели Владо Суклоски, туристички водич.

Андоноски вели дека дополнителен проблем сега е враќањето и на визниот режим за руските граѓани, кој стапил на сила на 15-ти март, иако земјава долго време имала безвизен режим со Русија.

„За влез во Македонија се потребни визи или приватни покани или туристички ваучери. Може ова да го толкуваме како санкција, но секоја санкција има два краја. Едниот према тој кого ја воведуваме и вториот е према нас, бидејќи тие финансиски средства кои би легнале овде од тие околу 3000 туристи, би ги изгубиле“, вели тој.

На почетокот се потсетува Александар, било многу тешко. Гостите кои доаѓале од овие пазари, или само транзитирале низ земјава, или пак доаѓале на кратки посети во Охрид, додека одмарале во некоја од соседните држави.

XS
SM
MD
LG