Линкови за пристапност

САД домаќини на разговорите за Украина во Германија


Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин денеска изјави дека рускиот претседател Владимир Путин „никогаш не замислувал дека целиот свет ќе застане позади Украина толку брзо“, додека САД свикаа состанок на повеќе од 40 земји за да ја координираат безбедносната помош за Украина.

Кога ги отвори разговорите во воздухопловната база Рамштајн во Германија, Остин рече дека целта е и „да и помогне на Украина да победи во борбата против неправедната инвазија на Русија и да помогне во повторната изградба на Украина“.

Состанокот следи по патувањето на Остин и американскиот државен секретар Антони Блинкен во Киев, каде што ветија поголема воена помош за Украина.

„Руската инвазија е неодбранлива, а исто така и руските злосторства“, рече Лојд во вторникот. „Сите ние денес почнуваме од позиција од страна на моралот. Русија води војна по избор на амбициите на еден човек. Украина, пак, води неопходна војна за да ја одбрани својата демократија, нејзиниот суверенитет и нејзините граѓани.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров предупреди на опасноста конфликтот да прерасне во Трета светска војна, велејќи во понеделникот дека „НАТО, во суштина, е вклучен во војна со Русија преку полномошник“.

„Опасноста е сериозна, реална е, не можете да ја потцените“, изјави тој за новинската агенција Интерфакс.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба подоцна објави на Твитер дека Русија ја изгубила својата „последна надеж да го исплаши светот да не ја поддржи Украина“.

„Ова само значи дека Москва чувствува пораз во Украина“, рече Кулеба. „Затоа, светот мора двојно да ја поддржи Украина за да победиме и да ја заштитиме европската и глобалната безбедност“.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во вторникот на почетокот на состанокот со Лавров во Москва рече дека иако Русија и Обединетите нации имаат „различно толкување на она што се случува во Украина“, сè уште постои можност за сериозен разговор за минимизирање на страдањата како и да се заврши војната што е можно поскоро.

Гутереш, кој исто така ќе се состане денес со Путин, рече дека сака дополнително да се осврне на пошироките влијанија на конфликтот врз најранливите популации во светот во услови на зголемени цени на храната и енергијата.

Лавров ја поздрави желбата на Гутереш и на ОН за дијалог, истовремено обвинувајќи ги западните влади дека ги прекршуваат принципите на мултилатерализам и наместо тоа преземаат унилатерален пристап кон светот.

Хјуман рајтс воч ја повика Русија да се погрижи цивилите во опколениот јужен град Мариупол безбедно да си заминат и рече дека Гутереш треба да му даде приоритет на ова прашање на неговите состаноци во Русија.

Во меѓувреме, Агенцијата за бегалци на ОН во вторникот соопшти дека очекува конфликтот на крајот да протера 8,3 милиони луѓе да ја напуштат Украина. Досега, речиси 5,3 милиони бегалци ја напуштија земјата откако Русија ја нападна кон крајот на февруари, а од нив повеќе од 2,9 милиони заминаа во Полска. Портпаролот Шабија Манту во изјава за новинарите рече дека уште 7,7 милиони луѓе се раселени внатре во Украина.

Британското Министерство за одбрана во вторникот соопшти дека руските сили „најверојатно се обидуваат да ги опколат утврдените украински позиции“ во источна Украина. Во соопштението на министерството се вели дека источниот град Кремина „наводно паднал“ и дека руските сили се движат кон Славјанск и Краматорск.

Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, Ројтерс и Франс прес.

XS
SM
MD
LG