Линкови за пристапност

Експерти: Прекинот на штрајкот во образованието во интерес на учениците, посебно на оние кои треба да се запишуваат на факултет


Додека Министерството за образование и СОНК, се договорија за 12% покачување на платите на наставниците и вработените во градинките, а наставата да продолжи од среда, експертите предупредуваат дека секое одлагање на учебаната година, ќе им наштети на учениците, кои ќе изгубат навика за учење, но и на матурантите, кои треба да се запишат на факултет.

Штрајкот на наставниците во основните и средни училишта и вработените во градинките влегува во третата недела. Но ако истиот продолжи, тоа психолошки ќе се одрази врз самите ученици, на кои при повторното враќање во училишните клупи, ќе им биде многу тешко да се вратат во нормален колосек на настава, бидејќи сето ова се случува при крајот на учебната година

„Секако ќе се одрази на учениците најмногу. И мене ми е жал заради овие проблеми, поради кои најмногу страдаат децата. Ги подржуваме наставниците, и секој има право да си ги исполни своите права, но треба да ги ставиме децата пред се, нивното образование пред се и нивното знаење. Самата ковид ситуација овие три години, која доведе до пасивност кај сите не само кај учениците, мислам дека уште влече некоја пасивност кај учениците“, вели Драгана Спасевска- Асоцијација за унапредување на воспитно образованиот процес и заштита на децата во образованието „Либрис плус“

„Се најавува скратена програма, па каква ќе биде таа скратена програма, како ќе се надополнуваат часовите, дали во текот на работното време или тоа ќе биде во саботите или после 10-ти јуни, што е малку неизводливо тоа. И државата и синдикатите да седнеме да најдеме еден заеднички јазик, во интерес на учениците“, вели Владо Димовски- генерален секретар на прогресивен синдикат за образование.

Најголема загриженост до кога вака, се јавува како оние кои завршуваат деветто одделение и кај средношколците.

„Затоа што многу им зависи времето во однос на формирање на оценките, кои што ќе им бидат значајни за да продолжат да се запишат во средно или на факултет“, вели Спасевска.

„Оние кои се наоѓаат во крајните години, особено во средните училишта, кои сакаат да се запишат на факултетите надвор од Македонија, тие ќе имаат пречки, доколку сето ова не заврши, навреме не ги положат матурите. Екстерната матура е еден условите за запишување на факултетите надвор од Македонија. Не смееме генерација да пропуштиме оваа година учениците да останат без матура или без уписи на факултет“, додава Димовски.

И двајцата велат дека е потребно сите да се однесуваат трезвено во оваа ситуација.

„Ние и така и така имаме образование, кое е на дното на меѓународните натпревари. И во последните 25 години, образованието само оди назад, не оди напред“, додава тој.

„Треба навистина да се искорени политиката од образованието, затоа што образованието е крвотокот на една држава. Ако ние немаме стабилно образование, со стабилни реформи, кои ќе вродат знаење кај учениците, желба за истражување, напредување, насочување кон одредени науки, тогаш ништо не правиме“, вели Спасевска.

Претставничката на УНИЦЕФ во Северна Македонија, Патриција Диџовани, неодамна рече дека ги подржува наставници во остварување на нивните законски права, за обезбедување на поголеми плати, но оти тоа никако не може да биде врз грбот на учениците кои и така со пандемијата и другите случувања во блиското минато изгубиле многу часови.

XS
SM
MD
LG