Сеул, АФП - Активен јужнокорејски маринец кој неовластено патувал во странство - наводно во обид да стигне до Украина - е уапсен откако се вратил дома, соопшти армијата на Сеул.
Војникот, чиј идентитет е сокриен, ја напуштил Јужна Кореја без дозвола додека бил на должност на 21-ви март, се вели во соопштението на Маринскиот корпус, додавајќи дека тој бил уапсен веднаш по враќањето дома.
Јужна Кореја им забрани на своите државјани да патуваат во Украина непосредно пред избувнувањето на конфликтот оваа година, поради загриженост за безбедноста.
На активните војници им е конкретно забрането било какви патувања во странство без претходно одобрение, а заминувањето без дозвола се смета за дезертерство, што е кривично дело казниво до 10 години затвор.
„Ќе преземеме строги мерки во согласност со законите и прописите откако ќе истражиме зошто ја напуштил својата должност“, соопшти Маринскиот корпус.
Според новинската агенција Јонхап, човекот полетал за Полска во очигледен обид да и се придружи на украинската армија во нејзината борба против Русија.
Тој, сепак, не можел да влезе во земјата бидејќи му бил забранет пристапот на полско-украинската граница, објави Јонхап.
Се верува дека неидентификуваниот маринец поставил видео на YouTube на 9-ти април во кое тој вели дека имал „тешко време“ во вооружените сили на Јужна Кореја.
„Но, не можев да се воздржам кога слушнав за Украина, каде луѓето се соочуваат со многу потешка ситуација“, вели тој на снимката, во која не се гледа неговото лице.