Линкови за пристапност

Ќе ја зголемиме одбраната, рече полскиот министер за одбрана при посетата на Вашингтон


Секретарот за одбрана на САД Лојд Остин ја поздрави хуманитарна и воена помош на Полска за Украина
Секретарот за одбрана на САД Лојд Остин ја поздрави хуманитарна и воена помош на Полска за Украина

Полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак ги истакна плановите на неговата држава да ги зголеми одбранбените способности за време на вчерашната посета на Вашингтон, каде што беше пречекан од секретарот за одбрана на САД Лојд Остин.

За време на состанокот во Пентагон, Остин ја пофали Полска за нејзината хуманитарна и воена помош за Украина, велејќи дека таа обезбедила „многу потребната помош за украинската војска за да ѝ помогне да продолжи успешно да се бори против инвазијата на руските сили“.

Остин додаде дека Полска, исто така, ја извршува „апсолутно суштинската улога на олеснување на испорака на безбедносна помош од САД и другите сојузници на НАТО и партнери од целиот свет до Украина“.

„Можеби најважно е што полскиот народ ги отвори своите срца и своите домови за милиони Украинци кои бегаат од насилството“, рече Остин.

Откако Русија ја започна војната во Украина пред околу два месеца, речиси три милиони луѓе од Украина влегле во Полска.

Блашчак изјави дека Полска смета оти одбранбената политика и лидерството на САД се клучни и дека Полска е „горда што е домаќин на американските војници“.

Тој додаде дека поблиската соработка меѓу две земји во политичкиот и воениот домен ќе вродат со плод во индустриските и економски сектори.

Блашчак рече дека „Полска многу сериозно ја смета својата безбедност; така, во поглед на руската инвазија на Украина, веќе имплементиравме нов закон кој ќе го олесни зајакнувањето на нашите вооружени сили. Тоа ќе го зголеми нашиот буџет за одбрана до 3 проценти од следната година“.

Од почетокот на војната во Украина, дополнителни 5.000 американски војници отидоа во Полска.

XS
SM
MD
LG