Ескалираше спорот меѓу гувернерот на Флорида Рон Десантис и забавниот гигант „Дизни“ поврзан со таканаречениот закон „Не кажувај геј“.
Гувернерот Десантис донесе прокламација со која им овозможува на сојузните законодавци да размислат за носење легислатива за укинување на специјалниот статус на самоуправување на култниот парк „Волт дизни ворлд“. Законодавниот дом е контролиран од Републиканска партија.
Сојузната држава го креираше округот Риди Крик во 1967 година што му дозволи на „Дизни“ да развие и управува со 11.000 хектари земјиште во централна Флорида, каде се сместени „Дизни ворлд“ и соседното одморалиште.
Овој специјален округ собира даноци од „Дизни“ за да ги финансира основните услуги како пожарна, собирање ѓубре и комунални услуги.
Прокламацијата на Десантис е очигледна одмазда поради критиките на „Дизни“ кон гувернерот, кој минатиот месец потпиша закон со кој се забранува учење за сексуална ориентација и родов идентитет во основните училишта.
На новиот закон реагираше ЛГБТИ заедницата, особено оние кои работат за „Дизни ворлд“.
Извршниот директор на „Дизни“ Боб Чапек, излезе со реакција против законот, и објави дека компанијата ќе ги прекине политичките донации во Флорида.
Десантис го критикуваше забавниот гигант, и покрај неговиот статус како најголем приватен работодавец во сојузната држава.