Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, денес апелираше за четиридневна хуманитарна пауза оваа недела, за да се совпадне со православниот Велигден, бидејќи руската војна во Украина влезе во опасна нова фаза.
„Нападот и ужасниот биланс на цивилите што ги видовме досега може да биде малку во споредба со ужасот што претстои“, рече тој за руската офанзива на источна Украина. „Тоа не смее да се дозволи да се случи. Стотици илјади животи висат на конец“.
Гутереш повика на пауза во борбите да започнат на 21-ви април кога е Велики четврток во православниот христијански календар до 24-ти април, кога го слават Велигден. И, Украинците и Русите го слават Велигден во овој период.
Гутереш рече дека кратката пауза ќе овозможи отворање на серија хуманитарни коридори за цивилите кои сакаат да ги напуштат непријателските области за да го сторат тоа со помош на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, а исто така ќе овозможи и снабдување со помош за луѓето кои живеат во тешко погодените области, вклучувајќи ги Мариупол, Керсон, Доњецк и Луганск.
„Обединетите нации се подготвени да испратат конвои со хуманитарна помош во овој период на овие локации. Тој не кажа дали страните, особено Русија, сигнализирале подготвеност за спроведување на такво привремено примирје.
„Четиридневниот велигденски период треба да биде момент за обединување околу спасување животи и продолжување на дијалогот за да се стави крај на страдањата во Украина“.
Шефот за хуманитарна помош на Гутереш, Мартин Грифитс, требаше денес да отпатува за Турција за да се сретне со претседателот Реџеп Тајип Ердоган и други високи претставници за да се обидат да го протуркаат прекинот на огнот. Грифитс го откажа своето патување доцна во понеделникот затоа што беше позитивен на тестот за ковид-19.
Обединетите нации велат дека на 12 милиони Украинци им е потребна хуманитарна помош поради руската инвазија. Повеќе од една третина од оние кои имаат најголема потреба се во опколените градови Мариупол, Керсон, Доњецк и Луганск. Шефот на ОН рече дека очекуваат бројот на луѓе на кои им е потребна помош да се зголеми на 15,7 милиони или околу 40 отсто од сите Украинци што останале во земјата.