Линкови за пристапност

Саботниот настан во Битола е провокација според Османи


Провокација - така шефот на дипломатијата го нарече саботниот настан во Битола. Бујар Османи, кој по неколку дена молк во кои остро реагираше јавноста, но и опозицијата, даде свое гледиште на настанот – според него, спорно и провокација не било самото отворање на клубот на бугарскиот културен центар, туку неговото именување „Ванчо Михајлов“. За министерот, државата изреагирала најдобро што можела, иако институциите биле свесни што ќе се случува во Битола.

„Ние го направивме тоа што требаше да се направи. Не дозволивме Северна Македонија да биде прикажана во светот како земја што ограничува права на било која етничка заедница. Не е моја должност да се грижам за имиџот на Бугарија кои личности ги чествуваат, имаат тие МНР кое треба пред светската заедница да објаснат зошто им се важни некои личности“, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Барањето за посета на бугарската делегација на отворањето на клубот пристигнало од потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, а потоа се приклучил и бугарскиот премиер Кирил Петков. Според Османи, Петков тоа го направил од добри намери - за да не дозволи „да се киднапира настанот“. „За нас беше најважно да не паднеме во замката дека Северна Македонија не дозволува граѓаните слободно да ги изразуваат своите убедувања“, вели Османи.

„Сметам дека тоа беше несреќен избор на име на клуб и дека не може да каже кои се намерите позади тоа. Бугарија треба да објасни зашто таквите личности им се важни. Ќе беше погрешно да реагираме и пак тоа утре да се случи немаше да забраниме влез на бугарска делегација. Но, ние не бевме присутни на тој настан и нема да бидеме присутни се додека тоа име стои на клубот“, додава Османи.

Но, прашањето е како воопшто во земјава пред 3 години било регистрирано здружение со вакво име. Топката, поради очигледни законски недоречености, си ја префрлаат две институции - Централниот регистар и Министерството за правда. Од Централниот регистар велат дека е донесено решение за упис на основање на „Здружението Културен Центар Иван Михајлов Битола“ откако биле обезбедени неопходните документи – пријава за упис, изјава заверена во нотар дека Ванчо Михајлов немал наследници до трет наследен ред, но и известување од Министерството за правда дека не може да издаде одобрение зашто во министерството не се води регистар на историски личности.

„Централниот регистар сметал дека во запишаните цели и програма на делување нема елементи кои се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост, не се преземаат активности поврзани со тероризам, активности кои се спротивни на Уставот или закон, ниту се повредуваат слободите и правата на други лица“, соопштуваат од Централниот регистар.

Институционалниот „пинг понг“ не го прикрива фактот дека пред 3 години било дозволено регистрирање здружение под име на историски контроверзна личност со јасни антимакедонски идеи, чие постоење по минатиот викенд, станува нов товар во односите меѓу Скопје и Софија.

XS
SM
MD
LG