Русија соопшти дека воениот брод предводник на нејзината црноморска флота е сериозно оштетен и дека целиот екипаж е евакуиран по, како што рече Русија, експлозија и, како што рекоа украинските власти, ракетен напад.
Руското Министерство за одбрана вели дека пожар ја активирал муницијата на бродот „Москва“. Се наведува дека пожарот е локализиран. Министерството додаде дека главното оружје на бродот не е оштетено и дека се прават напори бродот да се врати во пристаништето.
Гувернерот на Одеса рече дека два крстосувачки проектили го погодиле бродот.
Бајден вчера изјави дека она што го прави Путин е „геноцид“ и најави дека Вашингтон испраќа нови 800 милиони долари во оружје, муниција и друга помош за Украина.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, го отфрли ваквиот говор на Бајден, велејќи: „Сметаме дека овој вид напор за искривување на ситуацијата е неприфатлив. Ова е тешко прифатливо од претседател на Соединетите Држави, земја која изврши многу познати злосторства во последно време“.
Бајден вчера во изјава рече: „Украинската војска го искористи оружјето што го даваме со разурнувачки ефект. САД ќе продолжат да и обезбедуваат на Украина капацитети да се брани“.
Пентагон соопшти дека новата транша од оружје вклучува 500 проектили, 300 дронови, 300 оклопни возила, 11 хеликоптери, хемиска, биолошка и нуклеарна заштитна опрема како и 30.000 комплети панцири и шлемови.
Соединетите држави обезбедуваат и непознато количество противпешадиски мини, кои се конфигурирани да бидат само рачно детонирани.
Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.