САД се очекува наскоро да објават до 750 милиони долари дополнителна помош за Украина.
Висок помошник од американскиот Конгрес изјави за Ројтерс дека конечниот пакет се уште е предмет на дискусија, но тој најверојатно ќе вклучува копнени артилериски системи, вклучително и хаубици.
Висок американски одбранбен функционер рече дека украинските сили добиле „значителна количина“ од 100 т.н. дронови, опремени со боеви глави за уништување тенкови, ветени како дел од претходниот пакет за безбедносна помош од 300 милиони долари.
Останатите беспилотни летала се очекува да пристигнат во Украина во текот на следната недела, како и дополнителните противтенковски ракети.
Американскиот претседател Џо Бајден и британскиот премиер Борис Џонсон во вторникот „ја потврдија својата посветеност да продолжат да обезбедуваат безбедносна и хуманитарна помош за Украина“, се вели во соопштението на Белата куќа.
Бајден, исто така, ја засили својата реторика против Русија, обвинувајќи го претседателот Владимир Путин за „геноцид“ во Украина.
„Да се нарекуваат работите со нивните имиња е од суштинско значење за да се спротивставиме на злото“, напиша украинскиот претседател Володимир Зеленски доцна во вторникот на Твитер. „Ние сме благодарни за досегашната американска помош и итно ни треба повеќе тешко оружје за да спречиме натамошни руски злосторства“.
Украинските власти проценуваат дека околу 22.000 луѓе загинале во Мариупол како резултат на руските воздушни напади и гранатирања во поголемиот дел од градот.
Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.