Линкови за пристапност

Руската војна го загрозува извозот на храна и ѓубриво, вели СТО


Светската трговска организација (СТО) предвидува дека трговијата со производи ќе порасне многу помалку од претходно очекуваното оваа година, објави Асошиетед прес.

Организацијата денес укажа на повеќе несигурности во своите прогнози за следните две години, бидејќи рускиот и украинскиот извоз на производи како храна, нафта и ѓубрива се под закана од војната.

Оттаму велат дека ова е последица на „двојниот удар“ од конфликтот и долготрајното влијание на пандемијата на ковид-19.

Обединетите нации (ОН) велат дека Русија е број еден извезувач во светот на азотни ѓубрива и број два на ѓубрива со фосфор и калиум, објави Асошиетед прес.

Нејзиниот сојузник Белорусија, која исто така е соочена со западните санкции, е уште еден голем производител на ѓубрива.

Многу земји во развој, како Монголија, Хондурас, Камерун, Гана, Сенегал, Мексико и Гватемала, се потпираат на Русија за најмалку една петтина од нивниот увоз.

Конфликтот, исто така, ја зголеми и онака превисоката цена на природниот гас, кој се користи за производство на азотни ѓубрива.

Дејвид Лаборд, истражувач во Меѓународниот институт за истражување на политиката за храна, рече дека како последица на тоа, европските цени на енергијата се толку високи што некои компании за ѓубрива „ги затворија своите бизниси и престанаа да работат со своите погони“.

XS
SM
MD
LG