Линкови за пристапност

Зеленски ја повика ЕУ да го прекине увозот на нафта


Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја повика Европската Унија да ги санкционира сите руски банки и да го запре увозот на руска нафта.

Зборувајќи преку видео пред пратениците во Литванија, Зеленски рече дека ако европските нации продолжат да тргуваат со Русија, тогаш руските лидери „знаат дека ќе останат неказнети“.

Членките на ЕУ воведоа повеќе рунди санкции насочени кон руски официјални претставници и бизниси, но не го прекинаa увозот на руски гас и нафта, како што повика Зеленски. Некои европски лидери изразија загриженост за тоа како таквите активности би влијаеле на нивните економии поради нивната зависност од руските енергетски резерви.

Рускиот претседател Владимир Путин изјави во вторникот „невозможно e да се изолира некој во денешниот свет, особено таква огромна земја како Русија“. Тој го повтори своето тврдење дека руската „специјална воена операција“ има за цел да ги заштити луѓето во источна Украина и да ја обезбеди безбедноста на Русија, додавајќи дека Русија „немала друг избор“ и дека ќе ги постигне своите цели.

Украина во вторникот соопшти дека руските сили се обидуваат да обезбедат контрола врз опколениот јужен пристанишен град Мариупол додека се подготвуваат за проширени операции во источниот регион Доњецк.

Оценката дојде откако британското Министерство за одбрана рече дека очекува борбите во источна Украина „да се интензивираат во текот на следните две до три недели бидејќи Русија продолжува да ги рефокусира своите напори таму“. Во соопштението на министерството се вели дека Русија повлекува повеќе свои сили од соседна Белорусија и ги прераспоредува во источна Украина.

Путин и белорускиот претседател Александар Лукашенко требаше да се сретнат денес за да разговараат за конфликтот во Украина, јавуваат новинските агенции во двете земји.

Градоначалникот на Мариупол, Вадим Бојченко, изјави за Асошиетед прес дека повеќе од 10.000 цивили загинале откако Русија ја започна опсадата на градот и рече дека вистинската бројка може да биде двојно поголема.

Зеленски во видео обраќање доцна во понеделникот рече дека стравува дека Русија може да употреби хемиско оружје во Украина и го повика Западот да воведе построги санкции против Русија за да ја спречи да користи такво оружје.

Шефот на британската дипломатија Лиз Трас изјави дека Британија е запознаена со непотврдените извештаи дека во Мариупол веќе е употребено хемиско оружје.

Прес секретарот на Пентагон, Џон Кирби, рече дека САД во овој момент не можат да ги потврдат извештаите за употреба на хемиско оружје, но рече дека ако се вистинити, тие се „длабоко загрижувачки“.

Пентагон во понеделникот соопшти дека гледа рани знаци на напори на Русија да ги зајакне своите трупи во источна Украина. Според висок претставник на американската одбрана, САД забележале конвој северно од Изум со елементи за команда и контрола, овозможувачи, артилерија и воздушна поддршка.

Официјалниот претставник рече дека има и индикации дека руските сили испратени од северна Украина во Белорусија и рускиот град Валујки сега се движат кон источна Украина.

Американскиот претставник рече дека Русија извршила 1.500 ракетни напади врз Украина во текот на 47-дневната војна, уништувајќи станбени згради и болници низ целата земја и убивајќи илјадници украински цивили.

Русија призна дека претрпела „значајни“ загуби на свои војници.

Обединетите нации соопштија дека повеќе од 11 милиони луѓе ги напуштиле своите домови од почетокот на руската инвазија, вклучително и речиси две третини од сите деца во Украина.

Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG