Линкови за пристапност

Рејтингот на САД се намалил по повлекувањето од Авганистан, објави „Галуп“


Според извештајот за рејтингот на светските лидери, оценките за лидерството на САД ширум светот се повратиле во 2021 година, во првата година на претседателството на Џо Бајден
Според извештајот за рејтингот на светските лидери, оценките за лидерството на САД ширум светот се повратиле во 2021 година, во првата година на претседателството на Џо Бајден

Откако рејтингот на САД во светот се поврати за време на првите шест месеци од претседателството Џо Бајден, тој се намали во втората половина од годината, што се совпадна со повлекувањето од Авганистан, се вели во нов извештај на „Галуп“ за рејтингот на светските лидери.

Во извештајот се истакнува дека имало двоцифрено зголемување на одобрувањето на лидерството на САД во 59 земји и територии помеѓу 2020 и 2021 година.

„Во првите неколку часа од неговото преземање на функцијата, Бајден ги задржа своите предизборни ветувања и повторно се приклучи на Парискиот климатски договор и ја стопираше одлуката на Трамп да ја напушти Светска здравствена организација. И во неговиот прв политички говор како претседател, Бајден вети дека ќе ги унапреди сојузите со САД преку дипломатија. Овие напори веројатно уверија многу меѓународни партнери во тоа време“, се вели во извештајот.

До почетокот на август 2021 година, просечното одобрување на лидерството на САД ширум светот изнесува 49 проценти во 46 земји и територии, вели „Галуп“.

Сепак, вкупниот рејтинг на САД во втората половина од годината опадна, што се совпаѓа со периодот по неговото брзо повлекување од Авганистан на крајот на август 2021.

Анкетата на „Галуп“ покажува и дека просечниот рејтинг на САД низ 70 дополнителни држави и територии во тоа време, како и по повлекувањето од Авганистан, изнесувал 43 проценти.

„По повлекувањето на САД од Авганистан во август 2021 година, едно од поголемите прашања беше колкава штета брзото повлекување би можело да му нанесе на кредибилитетот на Бајден на светска сцена и дали тоа би можело да ја попречи неговата идна способност да работи со сојузниците на САД. Малкумина надвор од Москва веројатно можеа да предвидат колку брзо тоа ќе се тестира со руската инвазија на Украина. Единствената сигурност за она што ќе се случува е дека има потенцијал да го поткопа остатокот од претседателството на Бајден и обликувањето на следниот светски поредок“, стои во извешатјот на “Галуп“.

Според извештајот, пред руската инвазија на Украина во февруари да го наруши целиот геополитички предок, САД и Германија имале поголема таканаречена „мека моќ“ ширум светот отколку што имале со години.

Во тој поглед, двете земји имале многу посилни позиции пред конфликтот отколку Русија или Кина.

„Во текот на првата година на функција на претседателот Џо Бајден, средната вредност на глобалниот рејтинг на одобрување на раководството на САД изнесуваше 45 проценти низ 116 држави и територии. Иако е далеку од огромно глобално одобрување на раководството на САД, овој рејтинг е многу повисок од рејтингот од 30 отсто во последната година од претседателствувањето на Доналд Трамп, или кој било друг претходен рејтинг за време на администрацијата на Трамп“, вели „Галуп“.

И покрај зголемениот рејтинг на САД, Германија останала највисоко рангирана глобална сила петта година по ред, како што канцеларката Ангела Меркел долго време се подготвуваше да се пензионира.

Според „Галуп“, во 2021 година просечното ниво на одобрување на лидерството на Германија во 116 земји и територии изнесувало 50 отсто, суштински непроменето од рекордно високите 52 проценти во 2020 година.

„И Германија и САД добија поголемо одобрување од Русија или Кина, чии рејтинзи продолжија во ниските 30 проценти во 2021 година. Рејтингот на Русија пред нејзината инвазија на Украина изнесуваше 33 отсто или релативно непроменет од 2020 година. И рејтингот на Кина беше непроменет, односно 30 проценти“, се вели во извештајот на „Галуп“.

Како што голем дел од светот ја осудува руската инвазија на Украина, „Галуп“ проценува дека рејтингот на Русија би можел да падне на рекордно ниско ниво од 22 проценти, колку што изнесуваше во 2014 година по анкесијата на Крим.

Идниот рејтинг на Кина, исто така, би можел да зависи од нејзиниот одговор кон кризата и поддршката кон Русија.

XS
SM
MD
LG