Синдикатот најави кривични пријави против директорите на институциите кои вршеле притисок врз вработените кои штрајкуваат. Штрајкот продолжува и утре. Министерот за образование повика на разбирање и дијалог. Родителите се снаоѓаат како можат
СКОПЈЕ – Училишните клупи и ходници остнаа празни откако денес над дваесет илјади просветни работници стапија во најавениот генерален штрајк. СОНК соопшти дека штрајкот е успешен и се спроведува во образовните институции низ целата држава но истовремено обвини и за притисоци и уцени од директори, пред се на градинки, во повеќе градови низ државата.
„Сакам да истакнам дека голем дел на наши вработени кои не се членови на СОНК масовно се приклучуваат кон штрајкот. Мислам дека почетокот на овој штрајк е добра порака кон надлежните. Навистина овие дејности имаат сериозен проблем во однос на нивниот социјален статус “, изјави Јаким Неделков.
Неделков кажа дека членови на синдикатот го информирале за притисоци во градинки во Центар, Карпош, Валандово, Битола, Гевгелија и други општини и повтори дека ќе поднесат кривични пријави против директорите на институциите.
„Мораме да споменеме дека во делот на детската заштита и детските градинки имаме посериозни притисоци и проблеми од директорите на градинките кои вршат притисок воспитувачите по секој цена да го прекинат процесот на штрајк. Овој проблем, убеден сум дека нема да ги поколеба штрајкувачите“, рече Неделков.
Проблем имало и со работното време на штрајкување бидејќи се толкува Законот за работни односи и вработените не се обврзани да бидат на работа по осум часа.
„Во најмала рака, треба да договорат со директорите и градоначалниците да се штрајкува онолку колку што биле и смените во училиштата. Инсистирањето да се штрајкува осум часа е непродуктивно и се прават дополнителни трошоци во установата. Дополнително, за колегите кои се во рамазански пости е и нехумано од втората смена да се враќаат дури во 7 или во 8 часот кога е почната вечерата. Сѐ ова оди во правец на реваншизам, вршење притисок и уцени врз оние кои штрајкуваат да прекинат со штрајкот“, дециден е Неделков.
За министерот за образование, Јетон Шаќири, штрајкот треба да биде последен чекор и најави дека ќе го продолжи дијалогот со СОНК.
„Ќе повикам во најбрз можен рок да најдеме заеднички договор на овие проблеми и наставата да продолжи. Мислам дека во текот на неделата ќе имаме состаноци и сакам разбирање затоа што штрајкот требаше да биде последен чекор“, рече Шаќири при посетата на средното училиште „Владо Тасевски“.
Министерот допрва ќе ги проверува информациите дека во некои училишта директорите не дозволиле влез на ученици и вработени кои сакале да влезат.
Тој додаде дека министерството е во комуникација со директорите на сите основни и средни за тоа дали и како се одвива наставата и колку се вклучени во штрајкот.
Шаќири повтори дека законите за основно и за средно образование не дозволуваат прекин на наставата освен во вонредни ситуации и дека со одлуката за штрајк, се доаѓа во ситуација да се надоместат деновите од учебната година бидејќи веќе беше одложен почетокот на второто полугодие поради состојбата со КОВИД-19.
Родителите на децата во градинки и учениците засега се саноѓаат како умеат. Дел од нив со осуда за генералниот штрајк дел со разбирање за барањата на Синдикатот.
„Син ми е кај моите родители, поради штрајкот не го однесов во градинка. Сметам дека просветните работници треба да имаат повисоки плати но дали пва е единствениот чекор за да ги остварат своите барања не знам. Во секој случај децата трпат“, вели Ивана Мојсовска.
Од министертсвото уверуваат дека децата ќе бидат згрижени во градинките и во текот на утрешниот ден.
Барањата на СОНК се заголемување на платите на просветните работници за 18,4 отсто.