Линкови за пристапност

Зеленски предупредува за поголеми руски операции на исток


Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупредува дека руските трупи „ќе се префрлат на уште поголеми операции“ во источна Украина, истовремено велејќи дека неговите сили ќе бидат подготвени и „ќе одговорат“.

Говорејќи во видео обраќање доцна во неделата, Зеленски рече дека деновите што претстојат ќе бидат клучни.

Тој, исто така, за време на интервјуто на Си-Би-Ес рече дека опстанокот на Украина зависи од тоа што САД ќе ги засилат испораките на оружје и дека на американскиот претседател Џо Бајден му дал список на она што и треба на Украина.

„Тој го има списокот“, рече Зеленски. „Претседателот Бајден може да влезе во историјата како личност која застана рамо до рамо со украинскиот народ кој победи и го избра правото да има своја земја“.

Министрите за надворешни работи на Европската унија денес ќе разговараат за уште една рунда санкции против Русија.

Во Москва, австрискиот канцелар Карл Нехамер е во посета на рускиот лидер Владимир Путин, што е прва ваква посета на европски лидер откако Путин ја започна инвазијата на Украина кон крајот на февруари.

Бајден денес ќе одржи виртуелни разговори со индискиот премиер Нарендра Моди. Додека САД се обидуваат да ја притиснат Русија со санкции, вклучително и врз клучната енергетска индустрија во земјата, Индија зазеде неутрален став, продолжувајќи со купувањето на руска нафта и гас, а истовремено се воздржуваше од гласањето за суспендирање на Русија од Советот за човекови права на ОН.

Прес секретарот на Белата куќа, Џен Псаки, во изјава во неделата рече дека Бајден ќе го искористи состанокот за да разговара за „последиците од бруталната војна на Русија против Украина и ублажувањето на нејзиното дестабилизирачко влијание врз глобалното снабдување со храна и пазарите на стоки“.

Британското Министерство за одбрана денес соопшти дека руските сили продолжиле со гранатирање на регионите Доњецк и Луганск во источна Украина.

Конфликтот принуди околу една четвртина од 44 милиони луѓе во Украина да ги напуштат своите домови, при што Обединетите нации објавија дека повеќе од 4,5 милиони бегалци ја напуштиле земјата.

Нов Зеланд во понеделникот објави дека испраќа повеќе помош за воените напори на Украина, вклучително и воен транспортен авион и 50-член персонал за поддршка за да помогне во преместувањето на опремата до центрите за дистрибуција во Европа, каде што потоа може да се преземе од копно во Украина.

Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG