Линкови за пристапност

Зеќири дојде во Кривичниот суд на распит


Зеќири веќе неколку часа дава исказ пред судија во скопскиот Кривичен суд. Зошто склучил договор тежок речиси еден милион евра во четири очи одби да одговори на новинарските екипи кои го чекаа пред Судот.Зеќири го наследи Рашковски како генерален секретар на Владата откако тој даде оставка поради скандалот со нелегална набавка на софтвер за која во моментов е на обвинителна клупа. Зеќири, како и неговиот претходник, поднесе неотповиклива оставка од функцијата генерален секретар на Владата


СКОПЈЕ - Мухамед Зеќири, сега веќе поранешен генерален секретар во Владата попладнево се појави во Основниот Кривичен суд. Придружуван од адвокат, но не и од полициски службеници, ги избегна новинарските прашања и екипи и влезе во судот каде го чека распит пред судија на претходна постапка.

Од утрово Зеќири е осомничен за финансиски криминал со кој е оштетен Буџетот бидејќи склучил договор за консултатнски услуги со фирма тежок 940 илјади евра без да распише тендер и во четири очи. Покрај Зеќири, осомничени се уште две лица, хрватски државјани кои во моментов не се во државата и не се достапни на Обвинителството.

„Во периодот од април 2021 година до јануари 2022 година, со искористување на својата службена положба, првоосомничениот без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице, во што, со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани“, се вели во соопштението на Обвинителството.

Во истрагата на Обвинителствотио, која почнала во втората половина на минатата година е утврдено дека предвидениот износ за консултантски услуги бил 795 илјади евра а Зеќири го склучил договорот во висина од 940 илјади евра, односно 145 илјади евра повеќе.

Контото е „други договорни услуги“.

Обвинителството побара притвор за Зеќири и двајцата хрватски државјани по сите три основи, повторување на делото, влијаење врз сведоци и можност од бегство.

Според неофицијалните информации, станува збор за фирмата „Интерхолдинг“ДОО, формирана во април 2021 година со основачки капитал од пет илјади евра. Веќе наредниот месец, во мај 2021 година легнува првата уплата согласно склучениот договор во висина од 140 илјади евра.

Зеќири пак, неколку часа откако соопштението на Обвинителство отиде во јавност, преку социјалната мрежа „Фејсбук“ соопшти дека поднесува неотповиклива оставка, додавајќи дека „верува во институциите на системот и во својата невиност“.

„ Низ мојот работен век секогаш сум го одбирал вистинскиот пат, патот на чесноста, праведноста и вистината. На овие мои животни вредности сакам да останам доследен. Затоа, како човек со личен интегритет, ја поднесувам мојата неотповиклива оставка од функцијата генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија. Верувам во институциите на системот, верувам во правичноста и праведноста и верувам дека вистината ќе излезе на виделина. На сите институции им стојам на располагање во секое време, за да ја докажам мојата невиност “, напиша Зеќири.

Премиерот Ковачевски ја прифати оставката, па така од попладнево Владата нема генерален секретар.

Со оставката Зеќири елиминираше едно од трите основи за барање на притвор,а тоа е да го повтори делото.

Зеќири дојде на функцијата генерален секретар на Владата откако тогашниот, Драги Рашковски, се повлече поради истрага а подоцна и обвинение за скандалот со набавката на софтвер тежок 100 илјади евра.

Рашковски веќе е во судница, процесот против него почна, а тој одбраната ја темелеше родендени, крштецки и мекици од каде потекнуваат парите со кои несразмерно се зголемил неговиот имот.

XS
SM
MD
LG