Линкови за пристапност

Украина се бори не само за својата слобода туку и за Европа, велат Украинци во Битола 


Динара и Андреј Хафинец ќе го пропуштат овој Велигден да го поминат со своите најблиски во Украина откако работата ги донела во Битола, каде живеат повеќе од шест години.

На спомените и деновите поминати со семејството, сега се навраќаат преку фотографиите, откако руската инвазија на нивната татковина им ги промени плановите. Вели дека ниту едно место во Украина повеќе не е целосно безбедно.

„Многу е тешко да се гледа тоа што се случува, бидејќи имаме голем дел од нашето семејство во Украина е се’ уште таму. За сега се откажуваат да ја напуштат земјата. Тие се во западниот дел на Украина, но редовно има сирени, а понекогаш треба да се кријат во подрум и по три-четири пати на ден“, вели Динара.

Првите денови од војната раскажуваат дека биле вистински шок за нив.

„Се сеќавам дека во 6 часот наутро ми се јави мајка ми и ми кажа дека почна војна. Првите две недели ние како да отсуствуваме одовде. Ние бевме ментално со срце и со умот таму, а овде бевме само физички. Дури се плашев од некој голем звук, се плашев од звук на авион, иако знам дека сум на безбедно, дека децата ми се на безбедно“, додава таа

Најстрашно во моментот е во Мариопул, каде градот е опкружен со руската војска.

„Нема греење оти луѓето ја користат водата од системите за греење за пиење за да спасат животи. Луѓето буквално сега умираат од глад и од дехидрација“, вели таа.

За својата земја, Андреј е подготвен да замине во Украина и да се бори за нејзината слобода.

„Од почеток размислувам каде можам да бидам највреден и да помогнам за моите, не само за роднините, фамилијата, туку и за граѓаните. Тоа што останува за мене е да отидам таму и да земам оружје и да ја бранам земјата. Ако дојде блиску до моите, сигурно ќе одам“, вели Андреј.

После војната ништо повеќе нема да е исто вели тој.

„Многу се зборува Украинци, Руси, браќа, братучеди. Јас пред првиот конфликт бев неутрален, немав проблем со никој, а сега не сакам да имам ништо со Руси“.

„Се надевам дека ќе се подобри ситуацијата и ние ќе победиме, но ако се влоши ситуацијата, ние сме спремни и нашите врати се отворени“, вели Динара.

И, на двајцата многу тешко им паѓаат многубројните лажни вести кои се шират за војната во Украина. Велат дека Украина сега се бори не само за својата слобода туку и за добар дел на Европа.

Треба да бараат информации од разни извори. Прво да размислуваат што е морал и вистина“, додава таа.

„Сакам да кажам до сите Македонци, да имаат критично мислење. Да не се користи само еден извор. Да се анализира, да се гледа и другата страна. Да знаеме што сега се прави во Украина. Кој напаѓа, а кој се брани“, вели Андреј.

Се надеваат дека за бргу ќе можат да се видат со најблиските, а уништените градови повторно да бидат изградени.

XS
SM
MD
LG