Линкови за пристапност

Историчарите ја завршија средбата, кој е напредокот најавуван од политичарите?


На дводневната средба се разгледувале забелешките за раниот среден век, периодот од 11 и 12 век, кој се обработува во учебниците за шесто одделение во Бугарија и седмо одделение во Северна Македонија. Заедничкото чествување на Цар Самоил е договорено уште во 2019 година


СКОПЈЕ - Македонските и бугарските историчари го завршија дводневниот состанок кој се одржа во Скопје, втор од предвидените шест во 2022 година, но ниту индиректно не го споменаа напредокот кој политичарите од двете држави со денови наназад го најавуваат.

Во штурото соопштение од МНР, објавено по завршувањето на средбата, стои дека се одвивала во позитивна атмосфера, со отворен дијалог и размена на ставови по однос на позициите и интерпретациите на периодот од раниот среден век

„Средбата помина во позитивна атмосфера, со отворен дијалог и размена на ставови по однос на позициите и интерпретациите на минатото за 11 и 12 век. До крајот на годината се планирани уште вкупно четири средби на Комисијата. Наредната средба ќе биде одржана во Софија на 12 и 13 мај 2022 година“, соопштија од МНР.

Утрово пак, пред почетокот на состанокот копретседателот на Комисјата, бугарскиот историчар Ангел Димитров кажа дека работата за Цар Самоил „е завршена“.

„Работата сè уште не е завршена, но добро тече. Кога ќе стигнеме до крајот тогаш ќе ви кажеме. Цар Самоил е завршена работа“, рече Димитров.

Сепак изјавата се однесуваше на заедничкото чествување на Цар Самоил кое е договорено во рамките на Комисијата уште во 2019 година а тоа подоцна го потврди членот на комисијата - македонскиот историчар Петар Тодоров.

Тодоров нагласи дека со изјавите на политичарите во двете држави во последните неколку дена се добило впечаток дека стартот на преговорите и одглавувањето на бугарското вето зависи од работата на Комисијата што не е така.

„Не сме политичо тело не ги гледаме процесите како политичарите. Членовите на комисијата не решаваат политички прашња. Се доби впечаток дека преговорите ќе зависат од нас. Комисијата може да даде експертско мислење за теми околу образованието во двете држави. Комисијата не решава политички прашања и проблеми, тоа го прават политичарите“, рече Тодоров.

Информациите дека во рамките на Комисијата е договорено дека Цар Самоил е бугарски цар и моштите на Гоце Делчев да се префрлат од Скопје во Софија ги отфрли и ги нарече лага.

XS
SM
MD
LG