Линкови за пристапност

За власта законски и успешен за опозицијата неточен и неуспешен, реакции по објавените резултати од пописот


Власта и опозицијата со дијаметрално спротивни ставови околу пописот. Обвинувања за фалсификати, погрешна методологија, административна асимилација.

СКОПЈЕ – Не стивнуваат реакциите по објавувањето на резултатите од пописот спроведен во септември минатата година. За владеачките партии пописот е успешен, спроведен по европски стандарди и со реални бројки врз кои може да се градат политиките во иднина. За опозициските партии пак пописот е целосно неуспешен, бројките не ја отсликуваат состојбата во државата и дијаспората, методологијата е погрешна и резултатите се неточни.

Од СДСМ се на ставот дека пописот е успешен, а опозицијата која повикуваше на бојкот нема легитимитет да ги оспорува резултатите.

„Видоа граѓаните дека ВМРО-ДПМНЕ не може да спроведе попис, денес имаме успешен попис по цели 20 години. Последен пат кога ВМРО-ДПМНЕ имаше можност да спроведе попис потроши милиони евра народни пари а статистичката операција пропадна. За последниот попис Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ заедно со Левица беа најгласните противници на неговото спроведување, повикуваа на бојкот.Резултатите од пописот ќе дадат насоки за идните државни и локални политики кои обезбедуваа развој на целото општество“, соопштија од партијата.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, порача дека резултатите не треба да се претворат во политичка борба.

„Пописот, статистиката во државата, не треба да се претвори во бесмислена меѓуетничка битка. И јас сум граѓанин на оваа држава и ги гледам реакциите, но ми се чини дека сета оваа битка се врти за освојување политички поени и рејтинзи на политички план. Овој статистички потфат е управуван, следен од релевантни институции на ОН со експерти од областа на статистиката и ова е резултатот. Апелирам до сите политички субјекти да не ги политизираат и електризираат меѓуетничките односи“, изјави Ахмети.

Опозициските партии пак со дијаметрално спротивен став.

Најголемата опозициска партија најави електронски попис кога ќе ја превземат власта. Тие обвинуваат за неуспех поради бранот на иселувања а недозволиво е да има 132 илјади граѓани за кои не е дефинирана етничката припадност, мајчиниот јазик и религијата.

„Успешниот попис на СДСМ е 132 илјади Македонци непопишани, 200 илјади раселени, и нераспознавање кои се христијани и православни. Пописот е некомплетен. И како таков не дава целосна слика за популацијата.ВМРО-ДПМНЕ со таа цел по преземањето на власта ќе спроведе електронски попис, кој ќе биде целосен.Пописот единствено што покажува е тоа дека се повеќе народ си заминува, а со лошите политики на власта тоа само ќе продолжи“, соопштија од ВМРО – ДПМНЕ.

Од БЕСА обвинија пописот го губи кредибилитетот поради прекинот и пречките за пријавување. Ставот на партијата е дека треба итни предвремени избори.

„Процесот на попис на населението е и треба да остане само статистички, а колективните законско-уставни права на етничките заедници, во овој случај на Албанците, треба да произлегуваат од бројот на жители кои се државјани на земјата, а не од бројот на резидентни жители во државата. Се сомневаме дека овој процес се претвори во политичко пазарење помеѓу СДСМ и ДУИ, како и многу други прашања во минатото, кои за жал докажаа дека при секое политичко пазарење на ДУИ последиците се долгорочни за Албанците во државата “, изјави Арјанит Хоџа заменик претседател на БЕСА.

За Алијанса на Албанците во објавените резултати има работи кои се противзаконски како што е бројката од 132 илјади граѓани.

„ Требаше да има комисија која ќе ги обработи податоците и да ги соопшти пред јавноста, а не тоа да остане во рацете на директорот и заменик-директорот, без разлика дали им се врзани потписите или не. Во објавените резултати има работи кои се противзаконски, како што за попис беа предвидени етнички заедници кои се противуставни и не постојат. Македонските муслимани ги имаше во пописот, а ги нема во резултатите. Најнезаконската бројка се 132 илјади граѓани кои немаат ниту идентитет, ниту јазик, ниту религија, само постојат како број“, изјави Зијадин Села, претседател на Алијансата на Албанците.

За партијата „Единствена Македонија“ пописот е неуспешен и треба да се поништи, а објавената бројност на Македонците по сите показатели е погрешна.

Голем број на забелешки стигнаа од турската заедница а се огласи и турското МНР. Така од Национално Координативно Тело за Пописот на Турскиот Народ се на ставот дека пописот е направен со погрешна методологија и мал број попишувачи – Турци, имало притисоци а надлежните институции не одговориле на нивните барања. Турското МНР денеска официјално побара да се земат предвид забелешките на Националното тело.

„Претставниците на турската заедница во земјава во текот на процесот упатија повеќе апели пописот да се спроведе правично, транспарентно и без никаков сомнеж. Резултатите од пописот покажаа дека тие повици, за жал, биле игнорирани“, изјави Танџи Билгич, портпарол на турското МНР.

Резултатите од пописот се неприфатливи и за Бошњачкиот демократски сојуз кои тврдат дека граѓаните немале можност за увид во внесените податоци, граѓани биле попишувани според претпоставки, а апликацијата за попишување често не функционирала што влијаело на бројката на Бошњаци кои живеат во дијаспората.

Со реакција се јавија и од Коалицијата на Египќани кои обвинија за административна асимилација.

Во Северна Македонија живеат 1.836.713 граѓани од 52 различни етнички припадности кои се водат како резидентно население. Од нив 1.073.299 граѓани или 58,44 отсто се Македонци, 446.245 граѓани или 24,30 отсто се Албанци, 70.961 граѓанин или 3,86 отсто се декалрирале како Турци, 46.433 граѓани или 2,53 отсто се Роми, 23.847 или 1,3 отсто се Срби, 16.042 или 0,87 отсто се Бошњаци, како Власи се декларирале 8.714 граѓани или 0,47 отсто, 2,145 граѓани или 0,12 отсто се Хрвати а 1.023 граѓани или 0,06 отсто се Црногорци.


Кога ќе се собере вкупното население,резидентното и нерезидентно, попишани се вкупно 2.097.319 граѓани.

Од вкупното население 54,21 отсто или 1.137.030 граѓани се Македонци, 619,187 или 29,52 отсто се Албанци, 83.443 или 3,98 отсто се Турци, 49.104 или 2,34 отсто се Роми, 24.759 или 1,18 отсто се Срби, 18.163 или 0,87 отсто се Бошњаци и 9.208 граѓани се декларирале како Власи што е 0,44 отсто од вкупното население.

XS
SM
MD
LG