Американски астронаут се врати на Земјата во средата со руското вселенско летало Сојуз по речиси цела година на Меѓународната вселенска станица, во време кога односите меѓу двата вселенски гиганти се на мошне ниско ниво поради руската инвазија на Украина.
Капсулата со астронаутот на НАСА Марк Ванде Хеи и руските космонаути, Антон Шкаплеров и Пјотр Дубров, се приземји со слетување со помош на падобран на површина покриена со снег во централен Казахстан.
Ванде Хеи, заврши со рекордниот престој на САД во вселената. Тој беше во вселената 355 дена, соборувајќи го претходниот рекорд од 340 дена поставен од Скот Кели во 2016 година.
НАСА објави дека двете земји продолжуваат да соработуваат на Меѓународната вселенска станица, иако Дмитриј Рогозин, шефот на руската вселенска агенција Роскосмос, објави серија гневни твитови непосредно по инвазијата на Украина, сугерирајќи дека Русија може да ја напушти Меѓународната вселенска станица и да ја остави да се урне на Земјата. Тој, исто така, сподели видео на кое се гледа како руските космонаути го напуштаат Ванде Хеи на Станицата.
Но, на церемонијата на предавање во вторникот, пред да замине од орбиталната станица, Шкаплеров, кој командуваше со најновиот екипаж на Меѓунаордната вселеска станица, изрази похармоничен став.
„Луѓето имаат проблеми на Земјата. Во орбитата, ние сме еден екипаж“, рече тој.
Инвазијата во Украина доведе до последици во други области на соработка меѓу Москва и другите меѓународни партнери во вселенското патување. Европската вселенска агенција ја одложи беспилотната мисија на Марс бидејќи се потпираше на руска ракета.
И британската сателитска компанија One Web откажа серија лансирања, бидејќи тие исто така се потпираа на ракети од руско производство, префрлајќи некои од нив на американскиот SpaceX.
Некои информации за овој извештај се од Асошиејтед прес, Ројтерс и Франс прес.