Линкови за пристапност

„Попис 2021“: За 20 години Северна Македонија со 185 илјади граѓани помалку


1.836.713 граѓани живеат во Северна Македонија. Надвор од државата, повеќе од една година, живеат 260.606 лица со што се доаѓа до бројката од 2.097.319 граѓани на Македонија. Од попишаното резидентно население 58,4 отсто се Македонци, 24,3 отсто се Албанци 3,86 отсто се Турци. За 132 260 граѓани, податоците се преземени од административни бази.


СКОПЈЕ – Македонците се доминантен етникум, Скопје е најголем град, Куманово најголема а Зрновце најмала општина, 207 села се целосно празни, повеќето граѓани се православни а една третина муслимани, поголем е бројот на будисти отколку атеисти, во државата има повеќе жени отколку мажи и речиси 200 илјади жители помалку за само две декади. Ова се резултатите од пописот кој беше спроведен во септември минатата година а кои денеска ги објави Државниот завод за статистика (ДЗС).

Етничка призма – Македонци 58,4%, Албанци 24,3%

Државниот завод за статистика ги објави резултатите од пописот спроведен лани во септември според кои во Северна Македонија живеат 1.836.713 граѓани од 52 различни етнички припадности кои се водат како резидентно население. Од нив 1.073.299 граѓани или 58,44 отсто се Македонци, 446.245 граѓани или 24,30 отсто се Албанци, 70.961 граѓанин или 3,86 отсто се декалрирале како Турци, 46.433 граѓани или 2,53 отсто се Роми, 23.847 или 1,3 отсто се Срби, 16.042 или 0,87 отсто се Бошњаци, како Власи се декларирале 8.714 граѓани или 0,47 отсто, 2,145 граѓани или 0,12 отсто се Хрвати а 1.023 граѓани или 0,06 отсто се Црногорци.

На Пописот 3.504 граѓани се декларирале како Бугари што е 0,19 отсто од резидентното населени а инетерсно е што само половина од нив односно 1.519 изјавиле дека мајчин јазик им е бугарскиот. По дваесет години повторно воскресна уште една националност - 344 граѓани се изјаснија дека се Југословени.

Резултатите покажуваат дека женската популација во Македонија е побројна па така, попишувачите избројаа 911 илјади мажи и 925 илјади жени. Од рездиентните 1,8 милиони граѓани 394.318 илјади граѓани се малолетни односно на возраст до 18 години.

Кога станува збор за нерезидентното население, односно македонските граѓани кои живеат во странство и странските државјани кои живеат во Северна Македонија подолго од 12 месеци, најголем број од нив се Албанци. Од вкупно 260.606 лица кои се водат како нерезидентно население 258.932 се македонски државјани а 1.674 се странски државјани. Етничката карта е следна – 66,4 отсто или 171.982 граѓани се Албанци, 63.572 или 24,55 отсто се македонци а 12.368 или 4,78 отсто се Турци.

Кога ќе се собере вкупното население,резидентното и нерезидентно, попишани се вкупно 2.097.319 граѓани. Од вкупното население 54,21 отсто или 1.137.030 граѓани се Македонци, 619,187 или 29,52 отсто се Албанци, 83.443 или 3,98 отсто се Турци, 49.104 или 2,34 отсто се Роми, 24.759 или 1,18 отсто се Срби, 18.163 или 0,87 отсто се Бошњаци и 9.208 граѓани се декларирале како Власи што е 0,44 отсто од вкупното население.

За 132 260 граѓани, податоците се преземени од 12 административни бази а станува збор за граѓани кои не се сретнале со попишувач. Тие се третата најбројна група по Македонците и Албанците. За нив остаствуваат податоците како етничка припадност, религија и мајчин јазик бидејќи такви податоци нема во датабазите на институциите кои ги користи ДЗС.

Загрижува податокот што споредено со последниот попис направен во 2002 година, односно за две декади вкупшното население се намалило за 185 834 лица, или за 9,2 проценти, а тоа се должи на процесот на иселување и намален наталитет.

Религии, мајчин јазик

Доминантно православно население живее во Македонија, покажуваат резултатите од пописот а нотирани се вкупно 21 религија и атеизам. Од ДЗС не е прецизно објаснето како се дошло до бројките и што е разликата меѓу православно население и христијани и зошто одделно се попишани.

Според официјалните бројки во Северна Македонија 847.390 се декларирале како православни, 590.8790 како муслимани, 242.579 како христијани, 6.746 како католици, 1.964 како агностици, 884 како будисти а 355 како атеисти

Кога станува збор резидентното население според мајчин јазик, очекувано најмногу се говори македонскиот и тоа кај 1.127.394 граѓани или 61,38 отсто од граѓаните. Потоа следува албанскиот со 447.001 или 24,34 отсто, па турскиот кој како мајчин јазик го говорот 62.723 граѓани или 3,41 отсто.

И во овој сегмент се наоѓаат интересни податоци бидејќи има вкупно 39 различни јазици, вклучувајќи го и знаковниот, кои се нотирани како мајчин јазик. Па така покрај 11.252 граѓани кои пријавиле дека мајчин јазик им е српскиот, има и 416 граѓани кои кажале дека мајчин јазик им е српскохрватскиот а 34 кажале дека зборуваат на хрватскосрпски јазик.

Скопје расте и по жители и по домаќинства, Куманово е најголема општина

За 20 години бројката на жители во Скопје се зголемила за 19.576 граѓани па сега главниот град брои 526.502 жители. Зголемување има и во бројката на домаќинства во Скопје кое сега изнесува 171.171 што е за 24.695 повеќе од бројката од пописот во 2002 година. Најголема скопска општина е Аеродром која брои 77.735 жители.

Гледано во целата држава, најголема општина е Куманово со 98.104 жители но ако се спореди до пописот од 2002 година бројката е намалена за речиси седум илјади бидејќи тогаш во куманово имало 105.484 жители.

Втора по големина општина во државата е Битола со 85.164 жители а веднаш потоа е Тетово кое има 84.770 жители. Најмала општина е Зрновски во која живеат 2.086 граѓани а потоа се Општина Лозово со 2.,264 жители и Вевчани со 2.359 жители.

Партиски реакции

Партиите, разбирливо, со различни реакции и ставови околу пописот. За партиите од власта е успешен и легитименза опозициските партии нелегитемн со сомнителни резултати.

За премиерот Димитар Ковачевски пописот е спроведен по сите европски стандарди, податоците се валидни и релеванти и ќе се користат при креирањето на политиките,

„Пописот е спроведен по сите европски статистички стандарди, и дава податоци кои беа оценети како сигурни, веродостојни, валидни и корисни. Пописот содржи релевантни информации за реалната состојба на населението, со што на државата и се овозможува да планира и креира политики од интерес на граѓаните и бизнисот. Честитки до Државниот завод за сатистика и сите инволвирани во процесот, за професионалноста и ефикасниот и успешен Попис!“, напиша премиерот на неговата официјална страна на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Од неговата матична партија, СДСМ соопштија дека пописот е успешен.

За претседателот на ДУИ, Али Ахмети, пописот е успешно спроведен и дава појасна слика за бројот на жителите во земјава.

За опозициската ВМРО – ДПМНЕ бројките од пописот се поразителни а операцијата е некомплетна.

„Пописните бројки се показател за неуспех бидејќи има силен бран на иселувања, имаме операција спроведена со низа забелешки, и со многу политика и затоа сметаме дека ваквите бројките секој има право во истите да се сомнева. Но, за првпат во Македонија имаме една сериозна бројка од 7.2% или повеќе од 132.000 за кои што ДЗС и покрај тоа што ги има на располагање сите механизми од образование, до лични карти, матични броеви, изјаснување, по други институции, не успеал да ја дефинира припадноста на овие 132.000 македонски граѓани, жители на државата“, изајви Антонио Милошоски.

Левица, која повикуваше на бојкот, исто така најави дека нема да ги признае резултатите од како што велат „фингираниот попис“ нарачан од СДСМ и ДУИ.

XS
SM
MD
LG