Светската здравствена организација објави скок од 43 отсто на смртни случаи од ковид-19 на глобално ниво минатата недела, додека бројот на нови случаи продолжува да опаѓа ширум светот.
Во својот неделен епидемиолошки извештај, СЗО соопшти дека во неделата што завршува на 27-ми март биле пријавени 45.000 смртни случаи кои се припишуваат на ковид-19, што е повеќе од 33.000 претходната недела. Тој скок следи по една недела во која смртните случаи се намалија за 23 проценти.
Агенцијата рече дека зголемувањето на смртните случаи најверојатно е предизвикано од промените во дефиницијата за смртни случаи од ковид-19 во Америка, како што се Чиле и САД, и од ретроспективните прилагодувања пријавени од Индија во Југоисточна Азија.
Како пример, Чиле имаше најголем број нови смртни случаи, известувајќи за 11.858, што е скок од 1.710 проценти од претходната недела. Соединетите држави забележаа помал, но сепак значаен пораст од 5.367 нови смртни случаи, што претставува зголемување од 8 проценти.
Додека Индија забележа 4.525 нови смртни случаи; претставуваше пораст од 619 отсто. СЗО соопшти дека тие смртни случаи вклучуваат бројки од државата Махараштра, кои првично не биле вклучени во минатонеделниот биланс на смртни случаи од ковид-19.
Додека бројот на нови случаи севкупно опадна на глобално ниво, три европски земји - Германија, Италија и Франција - забележаа зголемување на нови случаи од претходната недела. Германија и Италија пријавија зголемување од два, односно шест проценти, Франција пријави 845.119 нови случаи или зголемување од 45 проценти.
СЗО постојано повторува дека бројот на случаи на ковид-19 веројатно е огромно потценување на распространетоста на коронавирусот. Агенцијата, исто така, изрази загриженост дека многу земји во последниве недели објавија планови да се откажат од нивните сеопфатни програми за тестирање и други мерки за надзор. Тие рекоа дека тоа ќе ги наруши напорите за прецизно следење на ширењето на вирусот.
Некои информации за овој извештај обезбеди Асошиетед прес.