Претседателот Џо Бајден изјави денес дека западните сојузнички земји чекаат да видат дали Русија ќе ја исполни обврската за деескалација на нападите околу украинскиот главен град Киев и северниот град Чернихив.
„Ќе видиме дали ќе продолжат“, рече Бајден по телефонскиот разговор со лидерите на Обединетото Кралство, Франција и Италија. „Се чини дека постои консензус, но сепак да видиме што имаат да понудат”, додаде тој.
Коментарите на Бајден пред новинарите во Белата куќа дојдоа откако преставници од руската армија претходно денес на последната рунда мировни преговори во Турција рекоа дека ќе ги намалат операциите околу Киев и Чернихив.
Рускиот заменик-министер за одбрана Александар Фомин рече дека овој потег има за цел да ја „зголеми довербата“ во разговорите за ставање крај на борбите. Напредокот на руските сили неодамна е запрен поради жестокото противење на украинските борци.
Зеленски претходно рече дека ако Русија успее да ги „заобиколи“ санкциите, „тоа создава опасна илузија за руското раководство дека можат да продолжат да си го дозволуваат тоа што го прават сега. А, Украинците го плаќаат тоа со своите животи. Илјадници животи“, додаде тој.
Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, Ројтерс и Франс прес.