Нова рунда мировни преговори со цел да се стави крај на руската инвазија на Украина започна денес во Турција, бидејќи украинските војници се чини дека повторно зазедоа повеќе градови од руските копнени сили чиј напредок е запрен поради жестокото противење на украинските борци.
Обраќајќи им се на преговарачите од Русија и Украина пред почетокот на разговорите во Истанбул, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во телевизиски говор рече дека на двете страни е да постигнат конкретен договор и „да се запре оваа трагедија“.
Во рускиот преговарачки тим беше вклучен милијардерот Роман Абрамович, кој претходно имаше симптоми на труење, заедно со најмалку други двајца високи членови на украинскиот тим, по состанокот во Киев претходно овој месец.
Зборувајќи за мировните преговори, украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба во понеделникот на националната телевизија изјави дека „минималната програма ќе бидат хуманитарни прашања, а максималната програма е постигнување договор за прекин на огнот“.
За време на интервјуто во неделата во разговор со руските новинари, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека Украина е отворена за усвојување неутрален статус како дел од мировниот договор, доколку дојде со гаранции од трета страна и биде ставена на референдум.
Неколку часа пред почетокот на преговорите, претседателот Зеленски инсистираше на тоа дека санкциите наметнати од западните земји против Москва треба да бидат „ефективни и суштински“ со цел тие да го имаат предвидениот ефект врз економијата на Русија. Според „Њујорк тајмс“, Зеленски рече дека ако Русија успее да ги „заобиколи“ санкциите, „тоа создава опасна илузија за руското раководство дека може да продолжи да си го дозволи она што го прави сега. А Украинците тоа го плаќаат со живот. Илјадници животи“.
Во меѓувреме, висок официјален претставник на одбраната на САД им изјави на новинарите дека украинските војници го вратиле градот Тростјанец, кој се наоѓа во близина на североисточниот град Суми, додека Зеленски во својот говор во понеделникот вечерта рече дека украинските војници го ослободиле Ирпин, предградие на Киев.
Но, во моментот кога започнаа разговорите во Истанбул, руски воздушен напад уништи владина зграда во пристанишниот град Миколаев. Гувернерот Виталиј Ким изјави дека неколку луѓе се заробени во урнатините.
И, украинската вицепремиерка Ирина Верешчук во видео порака објавена на социјалната мрежа Телеграм објави дека нејзината земја повторно ги отворила и ги евакуирала цивилите од регионите зафатени од војната по еднодневна пауза поради, како што Киев ги нарече можни руски „провокации“.
Обединетите нации соопштија дека руската инвазија на Украина присилила 10 милиони луѓе да ги напуштат своите домови и дека повеќе од 3,8 милиони лица ја напуштиле земјата.
Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, Ројтерс и Франс прес.