Линкови за пристапност

Пендаровски: Македонските граѓани треба да се чувствуваат безбедни


Три декади на трансформација и модернизација на македонската Армија. Денес е модерна професионална Армија која е во чекор со новите трендови и може да одговори на традиционалните но и на новите хибридните закани


СКОПЈЕ – Македонската Армија, во изминатите 30 години целосно се трансформираше, модернизацијата се одвиваше во согласност со стандардите на Алијансата и стекнуваше искуство и на бројни меѓународни воени вежби и со активно учество во повеќе мировни мисии предводени од НАТО, од ЕУ и ОН, оцени претседателот Стево Пендаровски на денешната трибина „30 години развој на Армијата-формирање, настани, успеси, предизвици, иднина“ во организација на Министерството за одбрана, Армијата на Република Северна Македонија и Асоцијацијата на здруженија од сферата на безбедноста, одбраната и меѓународни односи.

„Припадниците на Армијата ќе продолжат со истата посветеност како и до сега да ја исполнуваат својата уставна должност да го штитат нашиот територијален интегритет и суверенитет, како предуслов за мирот, безбедноста и демократскиот развој на македонското мултиетничко општество. Во таа смисла, македонските граѓани можат да бидат сосема спокојни“, порача претседателот Пендаровски.

Војната во Украина покажа дека класичните традиционални закани сеуште се присутни.

„Во споредба со почетоците денес имаме бројно помала но борбено далеку поефикасна професионална армија која е пшодготвена да се справува со асиметричните хибридни закани на 21 век. Украинскиот пример ни покажува дека класичните традиционални воени закани остануваат присутни но новото време носи и нови безбедносни предизвици кои не смееме да ги игнорираме. За да бидеме спремни за соочување и со традиционалните и со новите закани ќе продолжиме да инвестираме во одбраната за да го постигнеме прагот од два проценти од БНП во согласност со стандардите на НАТО“, кажа претседателот Пендаровски.

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, истакна дека во изминатите три децении поминати се низа падови и подеми, но и посветена работа во спроведување на реформи во одбранбениот сектор и зајакнување на одбранбените капацитети и способности, за да на 27 март 2020 година, земјата го исполни долгогодишниот надворешно политички приоритет – членството во Алијансата.

„ 2022 година ја покажа суровата реалност од нови безбедносни ризици, закани и предизвици кои се исклучително сериозни и непоимливи дека можат да се случат од крајот на Втората Светска Војна, но и од настаните во поранешна Југославија. Случувањата во Украина не потсетија дека војната на европско тло не е минато, а мирот не е загарантиран. Тоа не потсети дека развојот на одбранбените капацитети се повеќе од неопходност, дека подготовките и градењето на отпорноста мора да се разберат како континуитет и дека покрај се со денешните предизвици ниту една земја не може самостојно да се справи успешно“, рече Петровска.

Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски напомна дека 28 март за припадниците на Армијата е голем историски ден, ден кога пред 30 години формално и правно, Генералштабот на Армијата започна со извршување на своите уставно законски функции и надлежности.

„Од нас припадниците на Армијата, останува ветеното но и постојаната обврска преку заложбите за јакнење на моралот подобрување на стандародот на принципите во Армијата и подобрување на севкупната борбена готовност во Армијата да продолжиме и да придонесуваме во постигнување на поголеми резултати во служба на татковината и граѓаните. Нашите напори остануваат фокусирани кон целосно имплементирање на зацртаните структурни реформи реализацијата на плановите за долгорочен развој и опремување како што доликува на Армија земја членка на НАТО“, рече Ѓурчиновски.

XS
SM
MD
LG