Линкови за пристапност

Израелскиот премиер е позитивен на ковид по разговорите со Блинкен


Blinken Mideast
Blinken Mideast

ЕРУСАЛИМ (АФП) - Израелскиот премиер Нафтали Бенет е позитивен на тестот за ковид-19, соопшти неговата канцеларија во понеделникот, откако тој се сретна со американскиот државен секретар Антони Блинкен.

Бенет, кој се сретна со Блинкен во Ерусалим во неделата на маргините на „историскиот самит“ на израелски и арапски дипломати, „се чувствува добро и ќе го продолжи распоредот како што е планирано од својот дом“, се вели во соопштението од неговиот кабинет.

Исто така, во неделата, Бенет го посети северниот израелски град Хадера, откако вооружени напаѓачи застрелаа двајца полицајци во нападот за кој одговорноста ја презеде џихадистичката група Исламска држава.

Полицијата соопшти дека двајцата вооружени лица - израелски Арапи, идентификувани од израелското разузнавање како локални оперативци на ИД - биле убиени од офицери за борба против тероризмот кои случајно се нашле во близина.

Кабинетот на Бенет соопшти дека денес премиерот „ќе направи проценка на ситуацијата по нападот што се случи синоќа со“ министрите за одбрана, јавна безбедност, началникот на Генералштабот на армијата и други официјални лица.

Сликите објавени од израелските медиуми по неговата посета на Хадера, за време на која тој беше информиран и од полицијата за нападот, го прикажуваат Бенет како носи маска на лицето.

Но, премиерот немаше маска за лице за време на заедничката прес-конференција со Блинкен во неделата.

Портпаролот на Блинкен рече дека секретарот ќе се тестира за ковид како резултат на неговата средба со Бенет.

Највисокиот американски дипломат е во Израел за да присуствува на историските разговори со официјални лица од Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Мароко - земји кои ги нормализираа врските со еврејската држава во 2020-та година.

Неговиот египетски колега, исто така, ќе се приклучи на групата која ќе се состане подоцна во понеделник во пустината Негев.

Разговорите доаѓаат во време на зголемена регионална загриженост за договорот што Вашингтон наскоро би можел да го постигне со Иран за обновување на нуклеарниот договор од 2015-та година.

Израел и повеќето арапски земји од Персискиот залив се скептични за обновениот договор со Техеран, кој еврејската држава го смета за закана за своето постоење.

XS
SM
MD
LG