Линкови за пристапност

Ковачевски од Софија: Проширувањето на ЕУ станува безбедносно прашање


Регионален самит на НАТО во Софија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:20 0:00

Дел од балканските земји, членки на НАТО, договорија координација, на регионално ниво, за справување со ефектите од руската агресија врз Украина. Денеска во Софија, премиерите на Бугарија, Северна Македонија, Романија и Црна Гора се согласија на засилена соработка за справување со бегалскиот бран, соодветен одговор на економските последици од војната, забрзување на инфраструктурните проекти, намалување на зависноста од руски енергенси, усогласување со новата безбедносна реалност.

„Повторно ја осудивме руската воена агресија врз Украина и јас, како премиер на Северна Македонија и мојата земја, го поддржуваме територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. Сега одговорноста е да се соочиме со новата стратешка реалност во европската и трансатлантската безбедност. Сојузниците решително реагираа и понудија помош на украинскиот народ. Северна Македонија целосно се усогласи со политиките на ЕУ. Потенцирам дека проширувањето на Унијата станува безбедносно прашање, а ќор-сокакот во кој се наоѓа процесот создава дополнителна нестабилност за регионот и остава простор за малигно влијание на трети земји“, рече премиерот Димитар Ковачевски.

На оваа порака на Ковачевски која се однесува и на Бугарија, а која се уште го блокира отворањето преговори со Скопје и Тирана, се надоврза и бугарскиот премиер. Петков се надева на скорешнo динамизирање на процесот.

„Северна Македонија припаѓа во семејството на ЕУ, што е можно побрзо, и нашата влада е посветена за постигнување на тој резултат на најбрз начин. Секако, како што знаете, треба да исполниме неколку чекори вклучувајќи заштита на малцинските права... Блиско соработуваме и со нашите европски партнери кои служат како трета страна во овие преговори. Актуелната криза во Украина укажува на тоа дека Западен Балкан треба да биде што е можно постабилен, а дел од тоа е процесот на пристапување на Северна Македонија и Албанија“, рече премиерот на Бугарија, Кирил Петков.

Пораката од собирот во Софија е дека треба максимално да се искористи потенцијалот на безбедносните алатки и механизми на партнерите од Југоисточна Европа како одговор на можноста на појава на политичка нестабилност и пораст на националистички и популистички наративи, особено кога Европа се соочува со сериозен конфликт на своја територија.

XS
SM
MD
LG