Бранимир Јовановиќ, економист од Виенскиот институт за меѓународни економски студии во интервју за Гласот на Америка, вели дека владините мерки за ублажување на економските последици од војната во Украина не се доволни.
Глас на Америка: Дали новите владини антикризни мерки се доволни за ублажување на економските последици предизвикани од руско-украинскиот конфликт?
Бранимир Јовановиќ: За жал мислам дека не се доволни, затоа што како прво мерките не спречуваат да растат цените и во иднина. Мерките се сведуваат на тоа да се намалат моментално цените за одреден процент, поради тоа што државата ги намалува своите давачки. Но тоа не спречува цените да растат во иднина. Како ќе растат цените на глобалните пазари, така ќе растат и цените во Македонија. Второ е дека оние финансиски мерки кои ги обезбеди владата за сиромашните граѓани едноставно не се доволни. Обезбедија 1.000 денари месечно за 35.000 граѓани за период од три месеци, што е недоволно, затоа што во Македонија има околу 450.000 сиромашни, односно 22 отсто од граѓаните во државата се сиромашни.
Глас на Америка: Како војната во Украина ќе се одрази врз македонската економија и кои сектори најмногу ќе страдаат од неа?
Бранимир Јовановиќ: Кризата ќе се одрази дефинитивно негативно. Компаниите кои соработувале со Русија и Украина сега ќе бидат погодени. И, тоа се главно компании и лица кои се занимаваат со прехранбена индустрија, земјоделство и слично. Така што тој пласман кој досега се одвивал во Русија, сега нема да може таму да се пласира и ќе мора да се најдат алтернативи. На среден рок тие можат да се пласираат на европскиот пазар, но тоа нема да може веднаш да се направи, така што државата тука треба да интервенира, односно треба да им помогне на тие лица и компании да го надминат тој проблем. Вториот можеби и најсериозен канал е дека ќе има раст на сите цени и тоа веќе го гледаме на храната, гасот, нафтата и тоа ќе предизвика инфлација. Прашање е само колку ќе биде таа инфлација. И, не само тоа, туку државата ќе генерира поголем дефицит во трговскиот баланс, затоа што ќе мора да плаќа повисоки цени за производите што ги увезува и тоа ќе предизвика да расте и надворешниот долг. Ќе мора да се задолжува за да го покрие тој долг. Ќе има многу компании кои сакале да инвестираат, кои сега поради зголемената неизвесност ќе се воздржат од тоа. Многу е важно да се разбере дека нема сите да бидат погодени исто од оваа криза, односно поголемите и помоќните компании полесно ќе ја пребродат кризата, затоа што имаат финансиски средства, а помалите компании ќе бидат погодени повеќе и на тоа мора да се обрне внимание кога се креираат мерки.
Глас на Америка: Кој е вашиот предлог, што треба државата да направи, за да им помогне на оние најзасегнати граѓани и компании?
Бранимир Јовановиќ: Прво мора да се лимитираат цените на енергенсите и храната, но пред се на енергенсите. Мора да се стави некој лимит и да се каже над ова ниво цените не можат да растат. Затоа што ако не се случи тоа, пак ќе видиме дека цените ќе почнат да растат за многу кратко време, што повторно ќе прави паника на бензинските станици. Не смее целиот товар од кризата да падне на товар на државата, мора дел од товарот да падне на грбот на нафтените компании. Мора државата да ги зголеми и финансиските субвенции за најсиромашните. И, трето мора да се зголемат средствата за поддршка на погодените компании, особено на помалите. Не смеат да бидат исти мерките и за фирмите кои остваруваат добивки и за компаниите кои се мали и се сега во загуба.
Глас на Америка: Вие сте дел од Виенскиот институт. Кои се проекциите на Виенскиот институт за македонската економија за 2022-ра година?
Бранимир Јовановиќ: Најновите проекции уште не ни се објавени. Сега почнуваме да ги правиме, но дефинитивно ќе има намалување. На пример ако претходната проекција за Македонија беше 3,5 отсто раст на БДП во 2022-ра година, во моментов се чини дека тоа ќе биде околу 1,5-2 отсто. Ако се смири кризата, ако има примирје, веројатно ќе останеме на тие бројки, а ако има ескалација или продолжување на кризата и имаме цела година војна, тогаш бројките веројатно ќе одат уште по надолу, накај нула можеби ќе биде. Инфлацијата ќе биде блиску до 10 отсто. Веројатно помеѓу 7 и 10 отсто инфлација, што најверојатно ќе биде и највисока инфлација во поновата историја на Македонија.