Линкови за пристапност

Почина Медлин Олбрајт, поранешната прва жена -државна секретарка на САД


Говор на Олбрајт пред вработените во Стејт департментот во 2017-та.
Говор на Олбрајт пред вработените во Стејт департментот во 2017-та.

Медлин Олбрајт, првата жена на функцијата државен секретар на САД, која помогна во креирањето на западната надворешна политика по Студената војна, почина од рак. Таа имаше 84 години, објавија американски медиуми.

Си-Ен-Ен пренесе дека семејството на Олбрајт ја објави нејзината смрт во соопштение попладнево. Олбрајт беше централна фигура во администрацијата на претседателот Бил Клинтон, прво служејќи како амбасадор на САД во Обединетите нации пред да стане врвен дипломат на американската нација во неговиот втор мандат.

Си-Би-Ес потсетува дека таа се залагаше за проширување на НАТО, инсистираше Алијансата да интервенира на Балканот за да се запре геноцидот и етничкото чистење, и се стремеше да го намали ширењето на нуклеарното оружје и преку поголемо почитување на човекови права и промовирање на демократијата низ светот.

Американски медиуми анализираат дека можеби најзабележителни беа нејзините напори да се стави крај на насилството на Балканот, а таа беше клучна во притисокот врз претседателот Клинтон да интервенира во Косово во 1999 година, за да спречи геноцид врз етничките Албанци од страна на поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ.

Поранешниот претседател Клинтон и поранешната државна секретарка Олбрајт на прославата на 20-та годишнина од независноста на Косово во Приштина.
Поранешниот претседател Клинтон и поранешната државна секретарка Олбрајт на прославата на 20-та годишнина од независноста на Косово во Приштина.

Таа беше прогонувана од претходниот неуспех на администрацијата на Клинтон да стави крај на геноцидот во Босна и Херцеговина. Распадот на Југославија на неколку независни држави, вклучувајќи ги Србија и Црна Гора, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Северна Македонија, во 1990-ти, генерираше крвопролевање, невидено на Стариот континент од времето на Втората светска војна.

Медиумите во САД информираат дека администрацијата на Клинтон не интервенираше до масакрот во Сребреница во 1995 година, кога Србите убија 8.000 муслимански мажи и момчиња, што доведе до Дејтонскиот мировен план со посредство на САД. Но, кога Милошевиќ потоа се обиде да го премести својот етно-националистички план на Косово, администрацијата на Клинтон оформи западна коалиција за да го спречи таму да го прави она, од што се извлече во Босна.

Еј-Би-Си информираше дека Олбрајт го обвини Милошевиќ дека создава „ужас од библиски размери“ во неговата „желба да истреби група луѓе“ -- муслиманско мнозинство во Косово. Таа беше под жестоки критики во Вашингтон во тоа време, при што некои ги нарекоа воздушните напади на НАТО - „Војна на Олбрајт“, додека други, пак, ја обвинија дека погрешно ја проценила решителноста на Милошевиќ.

Олбрајт на демократската национална конвенција во Филаделфија во 2016-та.
Олбрајт на демократската национална конвенција во Филаделфија во 2016-та.

За таа цел, Олбрајт рече во 1999 година: „Јас ја преземам целосната одговорност заедно со моите колеги во уверувањето дека е од суштинско значење за нас да не стоиме немо и да се правиме дека не гледаме што планира Милошевиќ да направи“, додавајќи дека „не можеме да гледаме злосторства против човештвото. " На крајот, широката западна коалицијата предводена од САД ја запре српската агресија, а Косово прогласи независност во 2008 година.

Некои информации се од телевизиските мрежи Си-Ен-Ен, Ен-Би-Си и Eј-Би-Си.

XS
SM
MD
LG