Бројката на новозаболени минатата недела е речиси идентична со онаа претходно, но зголемен е бројот на реинфекции. Во Ковид центрите и на инфективните одделенија се хоспитализирани 109 пациенти
СКОПЈЕ – Петнаесет пациенти, минатата недела, починаа како последица на компликации предизвикани од коронавирусот што е намалување од 56 отсто споредено со неделата претходно покажува анализата која ја изготви Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Во однос на новозаболените бројката е речиси идентична – 1.834 случаи што е за само 0,9 отсто повеќе од претходната недела. Најголем дел од регистрираните случаи се во Скопје – 1.076 а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци – 198 заболени на 100 илјади жители.
Минатата недела се направени 15.577 тестирања а просекот на позитивни тестови е 11,4 отсто.
Гледано по возрасни групи најмногу на удар остануваат граѓаните на возраст од над 60 години.
„Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години со 451 случај или 24,6 отсто. Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0 до 9 години со 62 случаи. Во однос на претходната недела, се регистрира зголемување на бројот на заболени кај возрасната група од 40 до 49 години со 19,5 отсто и кај возрасната група од 20 до 29 години со 14,5 отсто“, стои во извештајот на ИЈЗ.
Значително зголемување има кај бројот на реинфекции – 309 случаи што е за 15,7 отсто повеќе споредено со периодот до 14 март. Од почетокот на пандемијата здравствените власти регистрираа 11.422 граѓани кои по втор или трет пат се заразиле од Ковид–19 а 19 починале.
„Моментално се хоспитализирани 109 лица (33,9% помалку во споредба со претходна недела), од нив 49 се на кислородна поддршка (50,0% помалку во споредба со претходна недела), а 3 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација (40,0% помалку во споредба со претходна недела)“, соопштија здравствените власти.
Од почетокот на пандемијата починаа 9.184 граѓани а во моментов како активни се водат 1.890 случаи.
Здравствените власти потенцираат дека вакцинацијата е едниствено сигурно оружје во борбата против коронавирусот но процесот на вакцинација стагнира.
„Бројот на аплицирани дози измината недела изнесува вкупно 3.158, од тоа 251 е прва доза, 392 како втора доза и 2.515 аплицирани како трета доза“, информираат од ИЈЗ.
Досега целосно, со две дози вакцина, вакцинирани се 852 илјади граѓани или 41,2 отсто до вкупното население а 149 илјади граѓани ја примиле третата „бустер“ доза.