Линкови за пристапност

Се урна патнички авион на „Чајна Истерн“ со 132 патници


Спасувачки екипи на местото на уривањето на авионот
Спасувачки екипи на местото на уривањето на авионот

Боинг 737 од компанијата „Чајна Истерн“ со 132 лица се урна во понеделникот во јужната провинција Гуангкси, соопштија официјални лица, пренесе Асошиејтед Прес.

АП пренесе дека кинеската управа за цивилно воздухопловство соопшти дека несреќата се случила во близина на градот Вужоу во округот Тенг.

Летот сообраќал од Кунминг во западната провинција Јунан до индустрискиот центар Гуангжу.

Засега нема информации за бројот на загинати и повредени. Авионот превезувал 123 патници и девет членови на екипажот, соопшти CAAC, поправајќи ги претходните извештаи дека во авионот имало 133 лица. CAAC соопшти дека испратила тим од официјални лица, а противпожарната служба во Гуангкси соопшти дека се работи за контролирање на пожарот на планината по несреќата.

Сателитските податоци на НАСА покажаа голем пожар токму во областа каде авионот се урнал. Државните медиуми соопштија дека локалната полиција прво примила повици од селаните кои алармирале за несреќата околу 14:30 часот по локално време.

Компанијата Боинг со седиште во Чикаго, исто така, не одговори веднаш на барањето за коментар. „Чајна Истерн“ со седиште во Шангај е една од трите водечки кинески авиокомпании, оперирајќи голем број домашни и меѓународни линии кои опслужуваат 248 дестинации.

„Чајна Истерн“ во својата флота има повеќе верзии на авиони, вклучувајќи ги 737-800 и 737 Max. Верзијата 737 Max беше приземјена ширум светот по две фатални несреќи. Кинескиот авијациски регулатор дозволи тој авион да се врати во употреба кон крајот на минатата година, со што оваа земја стана последниот голем пазар што го направи тоа.

Последната смртоносна несреќа на патнички авион во Кина беше во 2010 година.

XS
SM
MD
LG