Линкови за пристапност

Жозеп Борел во Скопје: Не можам ништо да ветам, но правиме сè за почеток на преговорите со ЕУ


Ве уверувам дека правиме се што можеме за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија. Тоа е приоритет за Европската комисија и мој личен приоритет, истакна високиот претставник на ЕУ

Варварска агресија на Путин врз Украина“ – така првиот човек на европската дипломатија денеска ја нарече руската офанзива која трае повеќе од две седмици. За Жозеп Борел кој, од Скопје, токму во екот воените дејства од кои не се поштедени ниту цивилите, ја стартуваше регионалната посетата на Западен Балкан, станува збор за „Путинова војна“ која има имликации не само врз Европа, туку врз целиот свет. Тој најави нов, четврт пакет европски санкции против Москва.

14.03. BOREL VO SKOPJE, MIRCE IZVESTAJ.mp4
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:54 0:00

„Путиновата војна не е само за Украина, туку е и за почитувањето на меѓународното право и принципи. Овде станува збор за стабилноста и безбедноста на европскиот континент, не засега сите нас и во економска и политичка смисла. Ве засега вас, ја засега Унијата, ја засега рамнотежата на светот. Сакам да и заблагодарам на владата на Северна Македонија за јасната осуда и силниот став против руската агресија, како и за цврстата поддршка за Украина. Најавувам дека го финализираме четвртиот пакет остри санкции насочени против руската трговија, членството во меѓународни финансиски организации, извоз на лусксузна роба како и челичниот и енергетскиот сектор“, рече Борел.

Порача дека се надева дека ова ќе биде момент за будење во Унијата за потребата од забрзување на проширувањето. Западен Балкан го нарече стратешки регион за ЕУ. Од домаќинот – македонскиот премиер, слушна дека во оваа ситуација интеграцијата на регионот станува стратешко и безбедносно прашање. „Неопходна е кристално јасна европска перспектива за Северна Македонија, оставање геостратешка празнина не е опција“, изјави Ковачевски.

Моментот е сега, неколкупати кажавме дека земјата е целосно подготвена за почеток на пристапните преговори
Жозеп Борел

„Северна Македонија од самиот почеток на конфликтот ја постави својата позиција на линија со своите сојузници од ЕУ, САД и НАТО. Силно ја осудивме агресијата и ги активиравме санкциите против Русија. До пред деве недели сметавме дека нема шанса за нова војна во Европа, но видовме дека и тоа е можно – 2,5 милиони Украинци се бегалци, а ситуацијата е се поалармантна. Во ваква ситуација ЕУ и земјите членки треба да делуваат стратешки и храбро и да повикаат на интеграција на Западен Балкан во ЕУ. Само целосно обединета ЕУ е силна Европа. Овој статус-кво не му одговара никому“, додаде премиерот Ковачевски.

Шефот на европската дипломатија го поздрави дијалогот меѓу Скопје и Софија за кој се надева дека ќе резултира со взаемно прифатливо решение. Свесен е за растечкиот евроскетпицизам поради одложувањето на стартот на преговори, но не може да даде ветување дека наскоро ќе се одржи Меѓувладината конференција. Донесе уверување дека тоа е и негов личен приоритет.

„Секако, целта на моето доаѓање не е да го зголемам евроскептизицмот, туку напротив, да не се зголеми надворешното влијание во земјава. Моментот е сега, неколкупати кажавме дека земјата е целосно подготвена за почеток на пристапните преговори. Фактот дека Северна Македонија целосно се стави на иста линија со европските вредности и акции е доказ дека нејзиното место е во европското семејство... Ветување, не можам ништо да ветам, но ве уверувам дека правиме се што можеме за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија. Тоа е приоритет за Европската комисија и мој личен приоритет“, истакна високиот претставник на ЕУ.

Борел од Скопје заминува за Тирана, а потоа за Сараево за и таму да ја пренесе пораката за посветеност и поддршката на Унијата за регионот, како во однос на руската агресија против Украина, така и за нејзиното влијание врз безбедноста на целиот континент.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG