Денес украинската и руската делегација ги продолжуваат мировните преговори, еден ден откако Русија изврши смртоносен ракетен напад врз воена база во западна Украина на само 25 километри од Полска, која е членка на НАТО.
Најмалку 35 лица загинаа, а 134 се ранети во нападот на Меѓународниот центар за мир и безбедност.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во неделата изјави дека дал „јасно предупредување“ до западните лидери за веројатноста од напад во базата каде што единиците на НАТО тренираат со украинските војници.
Многу од повредените се пренесени во болница, каде што некои од нив се префрлени во поголемите болници во регионот.
Претседателот Зеленски во неделата вечерта рече дека се обидел да договори средба со Путин, но без успех иако украинските и руските делегации разговараат секој ден за да направат аранжмани за хуманитарни коридори и договори за прекин на огнот.
Во интервју за „Fox News Sunday“, заменик-државниот секретар на САД Венди Шерман рече дека САД вршат „огромен притисок“ врз рускиот претседател Владимир Путин да се согласи на прекин на огнот во својата неколкунеделна инвазија на Украина.
Во видеото објавено во понеделникот од украинската државна агенција за вонредни состојби се гледа како пожарникарите спасуваат постара жена од деветкатница во Киев, која била погодена од руска артилерија.
Советникот на украинското Министерство за внатрешни работи, Антон Герашченко, за Ројтерс изјави дека две лица загинале, а уште три се хоспитализирани.
Во меѓувреме, американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан и официјални лица од Националниот совет за безбедност и Стејт департментот треба да се сретнат денес во Рим со Јанг Џиечи, директорот на Комисијата за надворешни работи на Кина.
Според медиумските извештаи кои се појавија во неделата стои дека Москва побарала воена и економска помош од Кина за руската војна во Украина.
Претходно, Белата куќа ја предупреди Кина на тешки „последици“ доколку и помогне на Русија да ги избегне санкциите.