Линкови за пристапност

Намалени акцизи, укинат данок и субвенции – Владата со пакет мерки за справување со кризата


Владата донесе пакет од 26 мерки тешки 400 милиони евра за справување со кризата и ублажување на ценовниот шок. Се укинува ДДВ-то за лебоот, шеќерот, брашното, зејтинот, млеко, свежото месо, оризот и јајца, но се одмрзнува маржата за овошјето и зеленчукот. Се намалуваат акцизите за горива. За социјално загрозените и за пензионери ваучери од по 1.000 денари во наредните три месеци. Опозициската ВМРО – ДПМНЕ смета дека мерките доцнат и дополнително ја комплицираат состојбата. Мерките ќе стапат на сила откако ќе бидат изгласани во Собранието



СКОПЈЕ - Владата усвои пакет од 26 мерки и препораки тешки 400 милиони евра со цел да се справи со економската криза и ценовниот шок кој делумно се должи на новонастанатата ситуација и војната во Украина. Ќе се намали цената на горивото, се укинува данокот од 5 отсто за голем дел од основните прехрамбени продукти, данокот на струјата и топлинската енергија нема да се зголеми, се укинува царината за увоз на дел од прехрарамбените продукти кои се користат како стокови резерви а за 35 илјади социјално загрозени и за пензионерите ќе се издаваат ваучери во наредните три месеци.

„На глобално ниво растот на трошоците на храна и енергенсите како резултат на воената агресија на Русија врз Украина го чувствуваме и ние денес и сега. Дисбалансот на цените на основите прехранбени продукти и енергенсите нѐ засега и нас. Ова ќе биде тешка година, но со добри политики и мерки, ќе ја премостиме“, рече премиерот Димитар Ковачевски.

По состанокот на Економскиот совет во понеделникот Владата на денешната седница го усвои пакетот мерки кој е поделен во две категории - мерки и препораки за заштита на животниот стандард на граѓаните и одржување на ликвидноста на компаниите и мерки за Финансиска поддршка на компаниите преку Развојната банка.

Пакетот мерки предвидува укинување на данокот од 5 отсто на основните прехранбени продукти - леб, брашно тип 400, млеко, месо, зејтин, шеќер, ориз и јајц. Замрзнатите маржи на осонвите продукти за исхрана остануваат освен за овошјето и зелечукот каде се одмрзнуваат и тргоците и производителите ќе може да ги покачат или намалат цените.

Акцизата за горива ќе се намалува скалесто и ќе зависи од цената на нафтата на светските берзи, а цената ќе се одредува на дневно ниво намесно на неделно.

„Мерката ќе има директно влијание врз цената. Би се примениле акцизи намалени за 2 денари, дизелот наместо 85, 5 денари би се намалил за 10,5 денари и би изнесувал 75 денари. Бензин наместо 91,5 денари би се намалил околу 11,5 денари и би изнесувал 80 денари“, објасни Ковачевски.

Со пакетот мерки се предвидуваат ваучери во износ од 1.000 денари кои ќе се даваат на 35 илјади граѓани од категоријата на социјално загрозени и за пензионерите кои ќе се издаваат во наредните три месеци а ќе бидат наменети за купување на како што кажа премиерот основни производи. Прецизно за кои немаше одговор.

Владата одлучи и да ја укине царината за увоз на основните продукти без ралика на државата од која се увезуваат.

Опозициската ВМРО – ДПМНЕ побара веднаш да се прифата мерките кои тие ги предложија и го обвинија премиерот Ковачевски дека предложил комплициран модел кој не гарантира намалување на цената на горивата.

„ Наместо да го прифати предлогот за намалување на акцизата кај нафтените деривати, како што предлага ВМРО-ДПМНЕ, со што цената на бензинот од утре би се намалила за 13 денари, а на дизелот за девет денари, премиерот Ковачевски денес предложи комплициран модел за намалување на акцизата кој не само што не го разбра јавноста, туку и не гарантира дека ќе придонесе за намалување на малопродажната цена на горивата“, изјави Трајко Слевавески, член на Извршниот Комитет на ВМРО ДПМНЕ.

Од партијата предупредија дека е можен двоцифрен раст на инфлацијата кој делумно се должи на домашни фактори.

Според опозицијата потребно е зголемување на платите во државната и јавната администрација и покачување на пензиите како и ребаланс на Буџетот а Народната Банка мора да превземе соодветни мерки за спречување на растечката инфлација.

Ребаланс на Буџетот е пракса да има во текот на годината особено кога станува збор за криза а од Владата очекуваат резултатите од мерките тешки 400 милиони евра да донесат приходи од половина милијарда во Буџетот.

„90 милиони евра се директни се откажување од приходи а 310 милиони се директни фискални расходи од Буџетот. Во самиот сет мерки има краткорочни и среднорочни кои ќе ја подобрат економијата и стопанството и ќе се мобилизира капитал од приватните банки, па очекуваните приходи од овие мерки се 500 милиони евра што е повеќе од тежината на самиот пакет. Од апсект на ликвидноста Буџетот апсолутнбо нема никакви проблеми во испорачување на плат, пензии, здравствено осигурување и сите други тековни обврски “, изјави Фатмир Бесими министер за финансии.

Бесими соопшти дека во Буџетот има доволна ликвидност и резерви пренесени од минатата година и затоа нема а има потрееба од објавување на нови еврообврзници.

Пакетот мерки ќе оди во Собрание пред пратениците и доколку нема застој или блокада ќе се донесе во најбрз можен рок но за таа цел ќе мора да се направат измени во два закони – Законот за акцизи и Законот за даноци.

XS
SM
MD
LG