Линкови за пристапност

Комисијата предложи укинување на сертификати за влез во трговските центри


Сертификатите важат за угостителските објекти во склоп на моловите. Ризичните категории на граѓани, околу 260 илјади лица, ќе бидат повикани да се ревакцинираат или да примат „бустер“ доза. Бројките паѓаат, Комисијата размислува за постепено олабавување на рестрикциите

СКОПЈЕ – Сертификат за прележан Ковид или ревакцинација повеќе да не се бара за влез во големите трговски центри, предлага Комисијата за заразни болести. Сепак сертификатите ќе останат задолжителни за местата каде што не е потребно да се носат маски а се во склоп на молови.

„Донесовме еден заклучок, да се препорача укинување за задолжителните сертификати за влез во трогвските центри однонсо на местата каде што во нив не е задолжено носење на маски. Во делот каде се служи храна, рестораните кои се наоѓаат во склоп на трговските центри, ќе морате да ја симнете маската и за тие локации остануваат сертификатите“, објасни др александар Петличковски, претседател на Комисијата.

Дополнително укинување на рестриктивните мерки засега нема да има, иако епидемилошката состојба е стабилна и подобра.

„Четврта недела по ред се намалуваат сите бројки, на новозаболени, на починати, на хоспитализирани и репродукцискиот број. Тоа ни дава простор да размислуваме на постепено олабавување на мерките. За следните мерки и развој на настаните ќе бидеме многу внимателни бидејќи не сакаме со нагло отфрлање на сите заштитни мерки да постигнеме негативни резултати. Дискутираме како би можеле побрзо и полесно да стигнеме до комплтено отфрлање на рестриктивните мерки“, рече Петличковски.

Членовите на Комисијата не се задоволни степенот на вакцинација на населението кој заглави на 41 отсто од вкупната популација.

Затоа од денеска почнува кампања за целосна вакцинација на ризичните категории на граѓани, односно повозрасните и оние со коморбидитети. Станува збор за група од 260 илјади граѓани од кои половина не се целосно вакцинирани а половина не ја примиле тертата т.н. „бустер“ доза.

„Ќе се закажуваат термини за сите граѓани од ризичните групи кои не се целосно вакцинирани или не примиле „бустер“ доза. Ќе бидат известени со СМС порака. Матичните лекари ќе бидат клучен дел од процесот. Очекуваме добар одговор од граѓаните, по овој бран на омикрон кој е во фаза на одминување“, изјави др Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата.

Главниот кризен штаб сеуште ги нема разгледано препораките на Комисијата за продолжување на рокот на важање на серитфикатите за прележан Ковид -19 од 45 на 180 дена и враќање на бремените жени на работа.

Во последното деноноќие се регистрирани 457 новозаболени и девет жртви.

„Од вкупниот број на позитивни (457), регистрирани се 74 реинфекции. Од вкупниот број на починати лица, кај 9 лица се регистрирани коморбидитети“, информираат од МИнистерството за здравство.

Во моментов како активни се водат 3.252 случаи а досега како последица на компликации предизвикани од коронавирусот починаа 9.036 лица.

XS
SM
MD
LG