Вториот по големина град во Украина, Харков, денес се соочи со зголемено руско гранатирање, додека колона руски сили се протегаше покрај патот северно од украинскиот главен град Киев на шестиот ден од руската инвазија на нејзиниот сосед.
Украинското Министерство за надворешни работи сподели видео од ракетен удар во зградата на регионалната државна управа во Харков во центарот на градот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го опиша рускиот ракетен напад на главниот плоштад во Харков како „нескриен терор“, и обвини за воено злосторство. „Никој нема да прости. Никој нема да заборави.…Ова е државен тероризам на Руската Федерација“.
Претставник на службите за итни случаи изјави дека во нападот загинале најмалку шест лица, а 20 други се повредени.
Шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел, изјави во вторникот дека руското гранатирање на цивилната инфраструктура што се случи во понеделникот во Харков „ги крши законите на војната“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги отфрли наводите за воени злосторства и им рече на новинарите дека „руските трупи не вршат никакви напади врз цивилната инфраструктура и станбените области“, и покрај доказите за нападите на Кремљ врз домови, училишта и болници, што ги документираа новинарите на Асошиетед прес.
Украина, исто така, во вторникот објави дека војниците од рускиот сојузник Белорусија влегле во украинскиот регион Чернихив.
Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.