Во Полска, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг рече дека НАТО ќе ги смета Русија и Белорусија одговорни за она што се случува во Украина.
„Претседателот Путин го наруши мирот во Европа. Сојузниците ја осудуваат неправедната и брутална инвазија на Украина. Рускиот напад е целосно неприфатлив и сето тоа е поддржано од Белорусија“.
Столтенберг повтори дека НАТО нема да испраќа војници да се борат во Украина, ниту пак ќе патролира во украинскиот воздушен простор, и ја повика Русија веднаш да ја „запре војната“ и да ги повлече своите сили. Зборувајќи заедно со полскиот претседател Анджеј Дуда, Столтенберг и се заблагодари на Полска што ги отвори границите за бегалците кои бегаат од борбите во Украина.
Агенцијата за бегалци при ОН денес соопшти дека повеќе од 660 илјади луѓе, повеќето жени и деца, избегале од Украина во соседните земји.
Канцеларијата за човекови права при ОН извести за најмалку 136 смртни случаи на цивили во Украина.
„Вистинскиот биланс веројатно ќе биде многу поголем“, рече портпаролката Лиз Тросел за време на брифингот.