Глобалната слобода се соочува со страшна закана, се вели во најновиот извештај на „Фридом хаус“ за слободата во светот за 2022 година.
Според извештајот, непријателите на либералната демократија, форма на самоуправување во која се признаваат човековите права и секој поединец има право на еднаков третман според законот, ги зголемуваат нивните напади.
„Авторитарните режими станаа поефективни при заобиколување на нормите и институциите наменети за поддршка на основните слободи и за обезбедување помош на другите кои сакаат да го сторат истото. Во земјите со одамна воспоставени демократии, внатрешните сили ги искористија недостатоците во нивните системи, искривувајќи ги националните политики за промовирање на омраза, насилство и нескротлива моќ“, се нотира во извештајот, во кој се додава дека „оние земји кои се мачеа во просторот помеѓу демократијата и авторитаризмот, во меѓувреме, се` повеќе се наклонуваат кон второто“.
„Фридом хаус“ вели дека сегашната закана за демократијата е производ на 16 последователни години на пад на глобалната слобода.
Вкупно 60 земји регистрирале пад во текот на изминатата година, додека само во 25 има подобрување на ситуацијата.
Околу 38 отсто од глобалното население живее во неслободни земји, што е најголем процент од 1997 година. Само околу 20 проценти сега живее во слободни земји.
„Во поголемиот дел од 21. век, противниците на демократијата упорно работеа за да го уништат меѓународниот поредок. Плодовите од нивните напори сега се очигледни. Лидерите на Кина, Русија и на други диктатури успеаја да го променат глобалните мотиви, загрозувајќи го консензусот дека демократијата е единствениот остварлив пат до просперитет и безбедност, истовремено поттикнувајќи поавторитарни пристапи кон управувањето“, стои во извештајот.
САД минатата година ја повлекоа војската од Авганистан, по што Владата во Кабул пропадна и им отстапи место на талибанците, а земјата се врати на систем кој е дијаметрално спротивставени на демократијата, плурализмот и еднаквоста.
Во САД, пак, демонстранти го нападнаа Конгресот на 6.јануари како дел од организиран обид да се спречи сертифицирањето на резултатите од претседателските избори.
Иако, според извештајот на „Фридом хаус“ Европа е регион со најдобри перформанси во однос на слободата во светот, воспоставени демократии претрпеле продлабочена криза во услови на пораст на нелибералните практики низ Европската унија (ЕУ).
„Во Словенија, Владата го повлече финансирањето на независна словенечка агенција за печат и го таргетираше финансирањето на невладини организации како дел од поширок напор да ги замолчи своите критичари. Во Унгарија, Парламентот им зададе удар на правата на ЛГБТИ лицата со донесување законска регулатива со која се забранува прикажување или унапредување на хомосексуалноста на малолетниците во медиумските содржини и училиштата. Законот, кој потсетува на слични мерки во Русија, беше брзо осуден од Европскиот парламент и повеќето ЕУ членки“, нотира извештајот.
Турција, уште еднаш е рангирана како најмалку слободна земја во регионот.
Извешатјот укажува дека сегашната состојба на глобалната слобода треба да предизвика загриженост кај сите што се залагаат за човекови права.
„Демократските влади треба да ги зајакнат домашните закони и институции, преземајќи храбри, координирани акции за поддршка на борбата за демократија во светот. Во помалку слободните земји, демократиите мора да се обединат за да се спротивстават на влегувањето на неконтролирана моќ, како и да работат кон зголемување на слободата за сите поединци“, се вели во извештајот.
„Фридом хаус“ потенцира дека само со глобална солидарност меѓу бранителите на демократијата може да се спречи агресијата на нејзините противници.