На денешниот состанок е одлучено до Владата да се препорача укинување на мерките за излез од државата односно неопходниот негативен ПЦР тест или потврда за вакцинација или прележан вирус. Според неделниот извештај на ИЈЗ минатата недела бројката на нови случаи е намалена за 30 отсто
СКОПЈЕ - Комисијата за заразни болести на денешниот состанок одлучи да и препорача на Владата укинување на задолжителниот ПЦР тест какои сертификат за вакцинација или прележан Ковид - 19 при излез од државата како и укинување на ослободувањето на бремените жени од работа.
Препораките ќе треба да минат кај Главниот кризен штаб а потоа ќе одлучува и Владата.
Сепак и доколку се прифати олеснувањето на мерките за излез од државата, пожелно е граѓаните да ги поседуваат сертификатите за прележаност, вакцинаија или негативен ПЦР тест бидејќи рестрикции при влез сеуште има во голем број на држави во регионот и Европската унија.
Според членовите на Комисијата во моментов е безбедно за бремените жени да се вратат на работа, но со препорака тие да се вакцинираат ротив Ковид- 19 бидејќи вакцината е безбедна.
„Препораките во светот се дека може да се вакцинираат и дека е безбедна вакцинацијата за бремените жени и дека е препорачлива и не само што е безбедна за да можат да бидат побезбедно нивното здравје не само да е поврзано со работниот процес, туку и генерално со движењето низ популацијата. Препораките што ги кажавме се однесуваат на унапредување на здравјето на бремените жени. Доколку сакаат навистина да го заштитат своето здравје и здравјето на своите деца тогаш најлогичното објаснување е дека треба да бидат вакцинирани“, изјави доктор Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата.
Според првичните резултати од скринингот од 800 тестирани ученици само 8 биле позитивни на Ковид-19, односно еден процент од тестираните. Скринигот продолжува а планот е да се тестираат три илјади ученици за да се има јасна слика за трансмисијата на вирусот во училиштата.
Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) кој се однесува на периодот од 14 до 20 февруари, регистрирани се 6.119 нови случаи што е за 29,2 отсто помалку споредено со неделата претходно.
„Во однос на претходната недела, се забележи намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, со најзабележително намалување од 31,5% во возрасната група од 20-29 години и 31,2% кај лицата на возраст од 50-59 години“, стои во извештајот на ИЈЗ.
Минатата недела регистрирани се 863 реинфекции, а вкупно досега се 9.905 реинфекции од кои 26 лица се заразиле три пати.
Минатата недела како последица на компликации од коронавирусот починаа 104 лица а досега се регистрирани 8.915 смртни случаи.
Според тестираните позитивни ПЦР тестови, во државата се доминантни двете верзии на сојот „Омикрон“. Од 49 примероци кај 29 е детектиран сојот „Омикрон“ а кај 20 подвидот „Омикорн стелт“.
Според извештаите од болниците, моментално се хоспитализирани 484 лица (30,8% помалку во споредба со претходна недела), од нив 297 се на кислородна поддршка (28,3% помалку во споредба со претходна недела), а 11 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација (идентично во споредба со претходна недела).
Процентот на вакцинација останува ист, досега со две дози вакцина се вакцинирани 41 отсто од населението во државата.