Линкови за пристапност

Не стивнуваат реакциите за информацијата за нов шеф на конзулатот на Северна Македонија во Њу Џерси


Скопје, Северна Македонија
Скопје, Северна Македонија

„Нема промена на Генералниот конзул во Тотова во Њу Џерси“ – е реакцијата на Министерството за надворешни работи дури еден ден откако јавноста, но и политичките кругови беа изненадени од информацијата дека 28 годишна ТВ презентерка, без какво било дипломатско искуство, ќе биде нов шеф на конзулатот кој го покрива источниот дел од САД.

Со оглед дека се работи за информации од доверлив карактер, информираме дека Република Северна Македонија во моментов има Генерален конзул во Тотова, САД, Јордан Панев, кој е дипломат од кариера, и кој е избран согласно сите законски прописи.
Соопштение на МНР

„Со оглед дека се работи за информации од доверлив карактер, дозволете да информираме дека Република Северна Македонија во моментов има Генерален конзул во Тотова, САД, Јордан Панев, кој е дипломат од кариера, и кој е избран согласно сите законски прописи. Во моментов тој е на половина од својот мандат и засега не се предвидува негова предвремена замена“, се вели во соопштението на МНР.

Во него ниту се потврдува, ниту се демантира информацијата дека неквалификувана личност, како што вели опозицијата, првично поминала на затворена седница на владата, па потоа, по острите реакции, било повлечено нејзиното именување.

Прашуваме како е можно и дали е меѓународно афирмирана 28-годишна презентерка од телевизија за да биде македонски конзул во Њујорк односно во Њу Џерси?
Андоновски, ВМРО-ДПМНЕ

„Прашуваме како е можно и дали е меѓународно афирмирана 28-годишна презентерка од телевизија за да биде македонски конзул во Њујорк односно во Њу Џерси? Какво меѓународно искуство има оваа личност? Што постигнала за афирмација на Македонија во САД? Какво познавање има од конзуларните должности кои оваа позиција несомнено ги носи? Дали воопшто го зборува англискиот и македонскиот јазик?“, изјави Стефан Андоновски, секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ.

Она што е извесно по соопштението на МНР е дека младата 28 годишна презентерка ќе нема дипломатска кариера како конзул во САД, чие именување е во надлежност на министерството и на владата. По реакциите во јавноста, реагираше и претседателот Пендаровски појаснувајќи дека таа материја не е во неговите ингеренции.

По прифаќање на кандидатот од страна на Владата, Министерството бара егзекватура од земјата на приемот.
Кабинет на претседателот Пендаровски

„Министерот за надворешни до Владата доставува предлог за именување на генерален конзул. По прифаќање на кандидатот од страна на Владата, Министерството бара егзекватура од земјата на приемот. По добиената егзекватура и завршените подготовки, Владата донесува одлука за именување на генерален конзул“, се вели во вчерашното соопштение од кабинетот на Пендаровски.

Случајот со „презентерка со желба да биде конзул“ е најнов во хаотичната ситуација со именување и пополнување дипломатски позиции.

Повеќе години е празно амбасадорското место во САД – клучниот стратешки сојузник на земјава. По фијаското со обидот за праќање на професорот Фрчкоски за амбасадор во Вашингтон, засега е нејасно кој би можел да ја преземе една од клучните амбасадорски позиции во дипломатската мрежа.

XS
SM
MD
LG