Линкови за пристапност

МЕПСО: Дефект во далнoводот го предизвика пожарот кај Пинтија


Висок напон е причината за пукањето на изолаторот на далноводот и искрењето од кое се запалила тревата. Останува отворено прашањето дали заштитата во трафостаницата навремено се активирала бидејќи испадот на дaлноводот во Бунарџик е неколку минути подоцна што значи дека сеуште имало напон во мрежата.


СКОПЈЕ – Висок напон предизвикал пукање на изолаторот на далноводот во близина на трафостаницата „Скопје 4“ во населбата Пинтија а искрите кои паѓале на земја го предизвикале пожарот, соопшти официјално МЕПСО, по вчерашниот испад на системот кој го остави речиси цело Скопје, Велес, Свети Николе и делови од Штип безмалку еден час во целосен мрак.

Директорот на МЕПСО, Орхан Муртезани, потврди дека куса врска е причина за дефектот на изолаторот и затоа пожарот бил под далноводот кој бил во дефект. Колку била јачината на напонот во моментот на дефектот не е познато. Напонот го активирал прекинувачот во трафостаницата „Скопје 4“ како и вградената заштита во двете трафостаници.

„Од дефектот исклучува прекинувач во трафостаница „Скопје4“ (Пинтија), на далноводот. Во исто време реагира заштитата на трансформаторите, од кои на 110 киловатно напонско ниво се напојуваат сите 110 киловатни трансформатоски станици во Скопје, а со тоа и цело Скопје. Новата дигитална заштита е поосетлива и може да кажеме дека ова беше тест за нејзино брзо реагирање, секако ќе треба да се преподесат одредени заштити за подбра селективност“, изјави Муртезани.

Сепак нејасно е дали заштитата во трафостаниците се активирала навремено со оглед на фактот што испадот на далноводот во Бунарџик се случи неколку минути подоцна, што значи дека сеуште имало напон во мрежата.

Премиерот Димитар Ковачевски, соопшти дека МЕПСО и МВР работат на утврдување на причините.

„ Скопје го вратија во системот во многу краток рок преку радијално спојување со електрична енергија, а потоа и корисниците кои се наоѓаат во Бунарџик со отстранување на проблемите. Денеска веќе почнуваат со работа на коригирање на сите проблеми кои се настанати во системот. Екипи на МВР се на терен и ќе ја завршат својата работа според професионалните стандарди.Јас не зборувам за никаков сомнеж, туку за спроведување на сите процедури кои се пропишани според закон и според упатствата за работа во МЕПСО и во другите институции“, изјави премиерот Ковачевски.

Скопје, Свети Николе, Велес, делови од Штип и другио населени места потонаа во мрак вчера околу 17.30 часот а снабдувањето беше нормализирано речиси еден час подоцна. Тимови на МЕПСО го остранија дефектот на далноводот кај Бунарџик нешто по 3 часот наутро кога се врати напојувањето во Бунарџик и индустирската зона.

Директорот на МЕПСО Рамадани соопшти дека формирал работна група која треба да испита детално и да изготви извештај за тоа како се сличил дефектот.

XS
SM
MD
LG